97. Зрак сончевина
Еден е, а силен
овој зрак сончевина
што ми иде
од којзнае која
далечина;
секако да ме озрачи,
да ме згрее,
да ме поздрави
и да ми пренесе глас
на боговите
со знаци и предзнаци
за опстојот на светот.
Ми иде ненадејно,
во миг на будење
по сон во кој сме
јас, моите предци
и моите потомци,
собрани околу издив
на последен следбеник
на мисла од дамнина
во свеста;
дека ниедна смрт
не е залудна
ако била во одбрана
на говор и писмо
неугасливи.
Ми иде еден силен
зрак сончевина
во миг на будење;
уште не ме озрачил,
уште не ме згреал,
уште не ме поздравил,
а веќе ми влегува
во свеста
сосе глас на боговите
со знаци и предзнаци
за опстојот на светот.
Дека без дрво, без цвет,
без корен и без плод
не е можно рамновесие
на светот и природата
што ја докажува
човековата стојност.