96. По многу стапици
Се сокрил гол во трње
крајпатно, последно,
надевајќи се дека
нема да го откријат
освојувачки,
туѓински војски
од зборови секакви,
најмногу непостојани,
кои долго и громко
го унижуваат
неговото постоење.
Излегува меѓу две
на горешто сонце
или на сјајна месечина,
со скрвавено лице
и разрането тело,
како во меѓувреме
да станал невидлив.
Се сокрил гол во трње
крајпатно, последно,
откога успеа сите
да ги одбегне,
да ги надмине
поставени стапици
од нив
во молк безмерен
помеѓу прашалници,
точки, извичници
и траги и знаци
во загради.
Го измачува мислата
дека има уште
којзнае колку стапици
за исти како него:
самосвесен, непокорен,
достоен и непореклив;
а потаму да нема
каде да се сокрие
од освојувачките,
туѓинските војски
од зборови секакви,
најмногу непостојани,
не малку излитени,
најмалку недоживеани
и недоловливи.
А хоризонтот негов
е уште многу далеку.