127. На небеса и потоа
Се искачив до небесата,
ме здогледаа божествата,
ми подадода раце радосно
и се најдов на нив
и се најдов меѓу нив.
Ги препознав сите,
сите ме препознаа;
се изнаигравме игри
детински, со голи тела,
со маски на лицата;
се изнаигравме безгрижно
секакви танци значенски
и животворни.
Дење го следевме Сонцето
од изгревање до зајдување,
ноќе се дружевме
со ѕвездите и соѕвездијата
ту близу до Месечината,
ту што подалеку од неа.
А кога нѐ достаса мигот
на простувањето,
на разделувањето,
јас да слезам од небесата,
тие да се успокојат
во своите живеалишта,
ми подарија веда молсната
за оган да му разгорам
на народот;
и љубов и љубов
за рожба, за вкоренување,
за траење.
Слегов од небесата,
го собрав народот
на највисокиот врв
на нашата планина,
им ги покажав
ведата и љубовта,
им ги пренесов
поздравите на божествата,
па на сет глас заедно
запеавме една молитвена.