СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, XII, СЕМОЖЕН, НЕМОШЕН И НЕВОЛЕН, Неволен, поетска студија за беспаќата во човекот

Потребно време за читање: < 1 минута

120. Некогаш и сега

Некогаш се случува
езерово
мигум да исчезне
во зрак сончевина,
па пред сите збрани
предци и потомци
на брегов
да се појави жив свет
од древни времиња
до сегашни и идни;
знаен, нивен,
со знаци
на непореклив опстој,
достоинствен,
со препознатливи
и трајни созданија.

И сега се случува
езерово
да се разбрани,
да се распени
пред мене
додека сум мигум
со сите божества
на светот,
додека заедно со нив
го разгатнувам
постоењето
на сѐ живо и мртво
во идно време
што го почнав
којзнае кога;
што сигурно нема
да го завршам пред
моето исчезнување
меѓу плодни семиња,
меѓу заборав
и паметење.

Некогаш и сега
езерскава и небеснава
синевина
толку ме омајуваат
што се мислам
дека се престорувам
во зрак сончевина
кој досегнува до
најдлабоките пориви
на суштествувањето.

Leave the first comment