Потребно време за читање: < 1 минута

109. На дното

Ова дно ми се гледа
обраснато со живи треви,
алги, школки,
останки од дамна жив
мигум потонат свет.

Ми се гледа оти веќе
не сум сигурен во себе,
сосем сам,
дека конечно стасав
на дното
на безвременскиот опстој
на народите и божествата
пред премин
во заумен свет.

Може ли да не е,
а да е едно од оние
на кои здивнував
слегувајќи, тонејќи
сѐ потаму, сѐ подолу,
сѐ подлабоко
во длабинава на езерово,
на зелено-модрава вода,
во тишинава,
сѐ подалеку од зракот
сонцев во неа?

Кон мене идат,
ми се ближат големи
и мали созданија;
молчаливи, насмеани,
жални, скаменети,
разиграни
луѓе како божества
и божества како луѓе!

Дали за да бидеме
заедно на дново
дека е последно,
дека нема друго потаму,
подолу, подлабоко,
подалеку?

Веќе не ми треба
ниту здив длабок,
ниту збор незнаен,
ниту страстен оган
саможртвен,
ниту трага во заборав
пред преминов
во заумен свет!

Прочитај и за ... >>  СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, XII, СЕМОЖЕН, НЕМОШЕН И НЕВОЛЕН, Немошен, поетска студија за беспаќата во човекот

Без нив ќе ги пречекам
жизнено, животворно,
спокојно, достоинствено
луѓево божества
и божествава луѓе.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here