105. Со мене
Со мене е секој што стои
исправен пред кое било,
пред какво било премреже
во ова деноноќие
со знаци, слова, песни,
игри под маски
и алишта
за танци со кои
се распалуваат огнови
до ведро небо,
сосе оставени траги
неизбришливи
на предци во дамнина
и потомци во утрешнина.
Со мене е секој
што е со мене
додека е сам и без мене
во безмерна самост,
спокој и тишина.
Со мене ќе остане секој
докрај,
без оглед на близоста
или далечноста
на сонот и стварноста.