СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, СЕМОЖЕН И НЕМОШЕН, XII

Потребно време за читање: < 1 минута

75. Меѓу две скалила

Ниедни други
од досегашните
не биле толку оддалечени
едно од друго
како двеве пред мене;
меѓу нив бездна
голема
како меѓу ниедни
две други.

А јас премален
од искачување
кон недогледна цел
и гол и бос
и страден и бескрилен.

Знам дека не биле
толку оддалечени
едно од друго
пред да стасам до тебе,
небесен здиву
на минливоста
на животот
во молк, во молк.

А една врвица
зад мене исчезнува
како никогаш
да не била моја,
на која никој друг
не врвел
за да достаса
до последен спокој
и тишина.

Веќе не знам
дали да стасам
на еднава,
па потоа да почнам
да се враќам,
да слегувам
кон земјата од која
го почнав моето
последно докажано,
допеано патешествие,
со недоброј
лични преживеалици,
или да изѕидам
нови скалила сонцеви
по кои ќе се искачува
мојата дребнавост
кон согледлив врв.

Leave the first comment