СОВРЕМЕ, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

8. Жива вода

Ја впив штом се разбудив;
не од жедост, не за здравост,
а од пекање за љубов
на мојата крв.

Жива била и секогаш е
со мене,
јас корен што се вкоренува
од раѓање без престан
меѓу коски на предци
и нивни траги
неизбришливи;
со мојата крв уште пожива,
во љубов со неа
животворна
и безмерно жизнерадосна.

Жива вода што извира,
потекува, тече
низ мојата природа,
па се влива
во недогледна вода
помеѓу спокој и трепети,
со сончевина во свеста.  

Не ја впив сета,
ами сал една капка,
за до пред ново успивање
да ја имам токму така жива,
капка по капка.

Оти љубов не пламнува,
ниту може да се распламти
меѓу жива крв и жива вода
во тело на човек кој знае
дека срцето
нема да му издржи
до следно искачување
на врв на мисла, на збор,
на игра распеана
и на песна разиграна.   

Leave the first comment