42. Исправен на нозе
Сѐ уште стојам исправен
на нозе (ме држат нозете),
а зад мене изминат пат
помеѓу бездни во кои
ту се задушуваат,
ту се засилуваат
воздиви, крици,
шепоти, лелеци;
а пред мене неизоден пат
помеѓу мрачнини во кои
се пластат студенини
и сончевини низ сенки
бесцелни.
Секако ќе достојам
на нозе (ме држат нозете)
сѐ дури не ми премали
срцето
преполно со немири,
со трепети,
преполно со надежи,
со неизвесности,
преполно со времиња
на ближни и далечни;
сѐ дури не ми премали
крвта
во која не ѝ давам
на животворноста
да угасне.
Јас стена до небо
извишена
среде траги, знаци,
игри, гласови,
зборови, говори,
песни и танци
на мои потомци.