СОВРЕМЕ, Оддиви, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

30. Навраќања

Се навраќам еднаш,
двапати, многупати
на големите премрежија
во моите освојувања
на простори и времиња,
години и созданија.

Се навраќам сам
без ничија поткрепа
за уште еднаш,
по којзнае кој пат
да ги изнесам
какви што биле
на виделина, пред зори,
какви што се сѐ уште
до пред самрак
и какви што очекувам
допрва да бидат
за секој стамен по мене.

Се навраќам секогаш
на големите премрежија
во моите освојувања
на хоризонти
блиски и далечни,
кои сѐ повеќе,
сѐ позабрзано
ме оддалечуваат
од корените жизнени,
како последен издив
пред мразнина в коски.

Зошто ми се сиве
навраќања
кога в срце имам
молскотна, отворена
рана
што крвави без престан,
а не можам ни со спокој
да ја заздравам?

Leave the first comment