27. Мојот внатрешен свет
Меѓу ѕидови древни камени,
дрвја во мисла вкоренети
и воздиви меѓу тежини
планински
сум единствено само свој.
Се будам во рани зори
за да го откривам денот
од прв до последен миг
на траење, на извишување,
на постоење.
Заспивам во ниедно доба
слободен и спокоен
дека е сѐ наместо,
сосе сонот на кој треба
да му се препуштам
откако втемелив нова игра
на мојот говор во тишина.
А пајакон што плете мрежа
во која се надева да успее
да ме сопре
додека сум обземен од неа,
залудно ја согледува
пред да премали
сета содржина
на зракот сончевина
што му ја кине,
му ја расекува насреде,
не разбирајќи дека во него
го собрав сиот мој
внатрешен свет;
за кој-годе со свој
безволен, недокажан
и соголен надворешен.