35. Тивки луѓе
Луѓево внимателно
ме слушаат
како им пеам песна
со одбрани зборови
и се обидуваат да одгатнат
колку птиците песнопојни
ми ја допејуваат;
дека сосем ја разбираат
мојата намера конечно
со сонцето точно напладне
сите нивни сенки
да ги соберам самосвесни.
Луѓево околу мене
се толку тивки
што да не мора никој
од блиски и далечни
да им влева сомненија
или стравувања
за нивната денешнина.
Како да совладале
секакви премрежија,
како животот да ги научил
на секакви едновремени
радости и жалости,
та никој со ништо
не може да им ја разниша
сплотеноста.
Луѓево што внимателно
слушаат моја песна
со одбрани зборови
се тивки
зашто успеаја да одгатнат
колку птиците песнопојни
ми ја допејуваат без здив
за со своите сенки собрани
конечно самосвесни
да продолжат стамено
до нивно ново догледно
живеалиште вековито
во спокој.