СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Потребно време за читање: 5 минути

44.

Никој во Големиот град не знае за макар еден објавен роман на Габер. Напротив, луѓето кои ѝ припаѓаат на книжевната фела се сигурни дека тој ги искинал, ги изгорел, ги уништил пред смртта. A и ако ги напишал, од само нему знајни причини не му паѓало на ум да ги понуди на некој издавач. Можеби ја излажал неговата Сирма кога во една прилика ѝ рекол дека пишува роман за нескротлива и единствена љубов, каква што според него била нивната. Чија поента е изедначување на дамнешни времиња со сегашно, со нивно едновремено постојано обновување и продолжување како живот.

Во осумте месеци огнена љубов Габер само уште еднаш ѝ кажувал на својата Сирма за романот кој несомнено не го допишал, а можеби воопшто не го пишувал. За неа сосем неважно. Таа, пак, како дел од него го запомнила неговото кажување за хуманоста како лична доблест, а во неа милосрдието и саможртвата како најважни, кои ја докажуваат докажувајќи се.

За хуманоста само три реченици на кои се сеќаваше радо дури беше жива, од жителите на Големиот град незнајно каде и кога беше жива како мртва во мигови на самост:

„Хуманоста е суштествена за секое живо суштество на светов, не само за човекот. Различно се искажува и секако се докажува како смисла и содржина на животот. Доблест е кога е навремена, кога не ни помислува на каков било возврат, а особено кога е независна од што било“.

Сирма го чува свитокот со искази на свети отци во православието за милосрдието и често ги препрочитува:

Од Свети Јован Златоуст:

„Милосрдието е дадено од Бога како заповед на љубовта; добро е милосрдието, со кое навидум се растура, а се собира во вистина, зашто како што земјоделецот ѝ дава на земјата и од неа собира семиња, така и милостината, навидум се дава на другите, а всушност стекнува оној што дал. Големината на милосрдието не се проценува според мерката на парите, туку според настроението со кое се дава… Штедроста не се цени според големината на дарот, туку според размерот што го има дарот во однос на богатството на дарителот. Царица на доблестите е милосрдието, кое како најдобар застапник, брзо ги отвора небесата за милостивите.

Милостивоста е мајка на љубовта, лек за нашите прегрешенија, очистување на нечистотијата на нашите души, скала поддржана на небесата, таа го врзува Христовото тело“.

Од Свети Григориј Назијанзин:

„Милосрдието е најголемо од сите дела, зашто со него за мала цена го купуваме царството небесно, за мали привремени блага примаме вечна слава“.

Од Сирах Премудриот:

„Како што разгорениот оган го гасне вода, така милосрдието ги ублажува гревовите; Милосрдието останува во веки.

Милосрдието кое произлегува од неправда не е милосрдие, туку суровост и нечовечност, зашто каква корист има ако некого го соблечеш за да го облечеш другиот? Почеток на милосрдието треба да биде сострадувањето. А, Господ ни ги налага овие дела на милосрдие:

-да ги храниме гладните
-да ги напоиме жедните
-да ги облечеме голите
-да примаме тугинци
-да посетуваме болни
-да ги тешиме несреќните
-да им помагаме на затворениците.

Во дела на милосрдие се вбројуваат и делата кои се творат заради духовно и морално образование и преуспевање на ближниот. Милосрдието покрива мноштво гревови. Тоа избавува од смртта“.

Од Свети Нектариј Егински:

„Милостивиот не ги затвора ушите пред молбите на сиромашните, туку ита да им помогне. Кога му дава на оној што е во неволја, дава со љубов и сострадание, и кога му подава на сиромашниот, лицето му е ведро, зашто срцето му се радува заради милостината, оти му помогнал на ближниот. И милостивиот е возљубен од Бога и се спасува во денот на опасност, зашто Бог го љуби оној што со радост дава.

Милостивиот дава милостина тајно бидејќи срцето му е водено од љубовта кон ближниот, а не од желбата за слава. Тој не се радува на раскошот и уживањата, туку на своето доборотворство. Зашто тој живее за љубов кон ближниот и својата љубов кон Бога ја исповеда преку љубовта кон ближниот.

Милостивиот го прима оној во тага, не ги одвраќа очите од оној во неволја, ниту лицето го врти од сиромашните, не се гнаси да му подаде рака на братот кој бара. На гладниот му го дава лебот свој, ги напојува жедните, ги покрива сиромасите, ги облекува голите, им помага на страдалниците, ги посетува затворениците и нагостува туѓинците. Раздава штедро, надевајќи се во Господа и така на небото стекнува богатство. Милостивиот како плодна маслина во домот Божји, никогаш не останува без надеж во Бога, туку таа секогаш му цути, па наликува на вечно расцветано дрво и, ревнувајќи за неговата многуплодност, тој на сите и во секое време им дарува изобилна милостина. Блажен е милостивиот зашто ќе биде наследник на Царството, приготвено од почетокот на светот. На милостивите Господ им вели: „Дојдете, вие благословени од мојот Отец, наследете го царството кое ви е приготвено од почетокот на светот; зашто гладен бев и Ми дадовте да јадам, жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте, гол бев и Ме облековте, болен бев и Ме посетивте, во затвор бев и Ми дојдовте“.

А кога е збор за саможртвата, Сирма секогаш најнапред помислува на Света Злата Мегленска како пример за саможртва за верата, а за која нејзиниот Габер многупати ѝ зборуваше со восхит:

„Таа е великомаченичка-светителка од турското владеење во Македонија. За неа, нејзиниот живот и маченичката смрт житие напишал во 1799 година очевидецот Свети Никодим Светогорец. Некои, пак, тврдат врз основа на кажувања на духовникот Тимотеј, духовен отец на нивното семејство и сведок на нејзините страдања.

Родена е и пострадала во село Слатино, Мегленско, Егејска Македонија. Била една од четирите ќерки на сиромашни родители. Се вели дека зрачела како со духовни, така и со телесни високи квалитети. Духовните ѝ биле силната вера во Господ Исус Христос, нејзината смиреност и чистото срце, а телесните оддалеку ја искажувале нејзината убост. Која дала повод нејзиниот живот да се украси со страдање на голема маченичка.

Имено, нејзината убост го запалила огнот на сладострасјето во еден Турчин од нејзиното место. Еден ден, кога отишла со другарки в шума да собира трски за печење леб, тој потплатил арамии да ја грабнат и да ја одведат во неговиот дом. Таму долго се обидувал да ја натера да се потурчи ветувајќи ѝ дека ќе ја земе за жена, но Злата непоколебливо одбила велејќи:

„Јас верувам во Христа и нему му се поклонувам и само Него Го знам како мој младоженец. Од Него никогаш нема да се откажам, дури и ако ме ставите на илјада маки или ако ме исечете на ситни парчиња“.

Турчинот ја оставил да живее заедно со останатите негови жени, надевајќи се дека тие ќе ја наговорат да се потурчи. Злата не попуштила. Турчинот сфатил дека не помага ништо, па ги повикал нејзините роднини и им се заканил дека ќе ја убие ако не ја натераат да се потурчи. Тие почнале да ја проколнуваат велејќи ѝ дека Бог ќе ѝ го прости тој грев оти е направен под принуда. Злата одговорила:

„Штом вие ме советувате да се откажам од Христос, вистинскиот Бог, не сте веќе мои родители и не сте веќе мои сестри. Јас имам татко, а тоа е Господ Исус Христос. Имам и мајка, а тоа е Света Богородица, а браќа и сестри ми се светителите и светителките“.

Турчинот наредил да ја затворат. Света Злата Мегленска била затворена три месеци и притоа секојдневно била сурово тепана и мачена. Ја тепале со камшик, ја обесиле на дрво со главата удолу, ѝ ја дереле кожата, а потоа врзана со ортома за врат ја шетале низ селата за да ги заплашуваат христијаните. Најпосле била обесена, а телото ѝ било исечено на парчиња. Ги фрлиле во реката Мегленица. Тоа се случило на 13. октомври (Јулијански календар) во 1795. година. Подоцна овчари ги нашле во еден вир, ги собрале и ги однеле во домот на нејзините родите. Биле погребани според христијанските обичаи. По смртта населението ја сметало за светица и ѝ посветиле некои свети дрвја во близината на селото“.

Leave the first comment