52.
Уште една енциклопедиска одредница на Македон. Oвојпат за Александар III Македонски и неговиот најдобар, најдоверлив и најсакан пријател-генералот Хефестион:
Несомнено, демократската слобода на мислење и говор, наспоредно со должноста на индивидуата да учествува во владеењето со градовите, била наметнат и усвоен принцип. Александар во секој освоен град ја враќал демократската форма на владеење, едновремено укинувајќи ги персиските даноци и олигархиските закони, а запленетото персиско богатство го употребувал за изградба на пристаништа и разновидни градби во многу градови. Градовите биле изградени на крстосници на важни патишта, на места за трговија и контрола на долините. Во нив биле градени плоштади, училишта, канцеларии, продавници, храм, театар, гимназија и фонтана. Од шеснаесетте изградени со цврсти градби, седум постојат до денес: Александрија во Египет, Херат, Кабул, Кандахар и Газни во Авганистан, Хоџенд во Туркестан и Путала во Индија. Седум други постоеле подолг период, меѓу нив Сузиана, Профтазија, Александрија на Кафказ и Букефала.
Забележано е дека за време на престојот во Индија Александар III Македонски ги поканил тамошните принцови и раџи на дискусија за деталите околу понатамошните односи и даноци, а со единствена цел да се воспостават пријателски меѓусебни односи. Ветил дека Индијците ќе бидат слободни да владеат со сопствените територии по нивна желба. Териториите на поранешните противници, сега вазали, биле зголемени, а тие станале силни и независни владетели.
Уште еден несоборлив доказ за благородноста, вредноста и универзалноста на неговата мисија-обединување на народите на светот во една држава, со владеење на демократијата и еднаквоста, што е едно од учењата на Аристотел, е усвојувањето на персиската титула Шаханшаш или Крал на кралевите.
За тоа на посреден и непосреден начин сведочи и прочуената масовна свадба во Суза, во 324. година пред Христа, која се одржала во еден ден, со женидби на Александар и неговите генерали со персиски принцези, како и на 10.000 македонски војници со Персијки.
Од генералите, командантите на бригади и важните команданти на походот на Александар Македонски-Пердика, Антигон Едноокиот, Антиген, Полиперхон, Птолемеј Сотер, Селеук Никатор, Касандар и Хефестион, последниот му бил најблизок и најлојален. До неговата смрт и по неа.
Хефестион бил син на Амyнтор. Се препоставува дека се родил околу 356. година пред Христа, а според некои историчари бил врсник на Александар. За војувањата, освојувањата, јунаштвата и обединувањето на светот многу е важно дека заеднички учител им бил Аристотел. Биле секогаш и се за сите времиња еден за друг, еден со друг, како еден.
По битката на Ис, обајцата отишле да го посетат заробеното семејство на Дариј. Кралицата Сисигамбис по грешка клекнала пред Хефестион да се моли за нејзините животи. Кога ја увидела грешката замолила прошка, а Александар ѝ рекол : „Не згрешивте мајко. И тој е Александар“.
Познато е сѐ за Хефестион, особено неговата воена кариера:
Првата битка ја водел против Траките на Дунав, во 342. година пред Христа. Во неа Александар бил регент предводен од Филип. Потоа следи битката на Херонеја во 338. година пред Христа, а по заземањето на Сидон бил назначен за гувернатор на таа територија. По 332. година пред Христа, Александар го назначил за командант на неговата флота со задача да го следи од море во Газа.
Хефестион ја предводел македонската фаланга во Египет и направил мост на реката Еуфрат. Бил надгледуван од другата страна од Мазае, назначен од Дариј. Тој ја командувал персиската војска од десно во битката кај Гавгамела, а подоцна станал и Александров гувернатор на Вавилон.
Во битката кај Гавгамела Хефестион бил командант на телохранителите на Александар задолжени да го штитат. Во неа Хефестион бил ранет во раката со стрела.
Во пролетта на 327. година пред Христа Александар тргнал на Индија и ја поделил восјката на два дела. Александар го повел својот дел по посеверниот пат во долината Сват, а Хефестион и Пердика го повеле вториот дел по долината на реката Кабул и преку Кајберскиот премин.
Додека се спуштале со бродови низ реката Инд, Алекандар ја поделил копнената војска на два дела. Хефестион командувал со поголемиот дел и одел по источниот брег, а Кратер се спуштал по западниот брег на реката. Кога дошле до делтата на Инд, Александар му наредил на Хефестион тука да го изгради градот Патала. Кога се вратил на Хефестион му дал задача да го утврди пристаништето. Неарх изградил голема флота која требала да послужи за транспорт на војската до Вавилон. Хефестион одел со Александар и минал мачен пат преку Гедрозиската пустина до Карманија.
Во Екбатана Александар организирал музички и гимнастички натпревари. Одржувал и големи пијанки со своите придружници. Во тоа време Хефестион живеел мошне неуредно и се разболел. На една од пијанките испил голем бокал вино и изел зготвен петел. Умрел по седумдневна грозница.
Александар многу жалел за Хефестион, кого го сакал како брат. Hаредил да го егзикутираат лекарот Глаукиј оти не го излекувал, потоа да се урне храмот на Асклепиус вo Екбатана, а на сите коњи и магариња да им ги истрижат гривите.
Трошоците за погребот се проценуваат на 10.000 до 12.000 таланти. Александар наредил да се угасне персискиот свет оган, а тој се гаснел само кога умирале кралеви. Побарал од пророчиштето во Шива да му доделат на Хефестион божествен статус. Тоа било одобрено, па наредил да се обожава од тој ден. Изградил и храмови во негова чест.
Лично ја предводел пограбната поворка во Bавилон. Организирал погребни игри во кои учествувале 3.000 учесници.
Сочуван е опис на украсувањето на надгробниот споменик:
-на првиот ред со 240 брода со златни едра, а помеѓу нив фигури и црвени знамиња;
-на вториот факели со змии на базата, златни рогови на средината и најгоре огнови пресретнати со орли;
-на третотиот една сцена на лов;
-на четвртиот ред борба на кентаури, целиот направен од злато;
-на петтиот, исто така златен, лавови и бикови;
-на шестиот Македонци во битка со Персијци;
-на седмиот и последен скулптури на сирени.
Осум месеци подоцна, пред смртта, Александар сѐ уште планирал даму изгради на Хефестион траен споменик.
Според извори на старогрчки, прекарот на Хефестион бил „Филалександрос“. Го добил од Александар, а значи „пријател на Александар“ или „наклонет и лојален на Александар“.
Ксантија ја прифаќа енциклопедиската одредница на Македон. Смета дека може да им користи како знаење кога конечно сите ќе бидат заедно во минатото како сегашност, собрани под Касиопеја или можеби на Кокино. Најмногу посакуваат тоа да се случи на Геоглифот во Македонија, недалеку од пајонскиот град Билазора, на местото викано Градиште, кај селото Кнежје, близу до Свети Николе. Забележува дека воведната белешка за благородноста, вредноста и универзалноста на мисијата на Александар III Македонски-обединување на народите на светот во една држава, со владење на демократијата и еднаквоста, што е секако едно од учењата на Аристотел, би требало да ја обработи подетално и посебно. Македон ѝ ветува дека ќе го стори тоа скоро.