СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Потребно време за читање: 2 минути

22.

Мислења и стојалишта на Сонцева крв за љубовите и доблестите, запомнати и често повторувани од некои од нејзината рожба (со согласност и одобрување):

Без оглед колку биле или колку се на број, сите љубови го придвижуваат животот напред, го надежуваат, а во најголема мера го облагородуваат и очовечуваат.

Сите љубови се разликуваат меѓусебно според силината, содржината, краткотрајноста и долготрајноста.

Секоја од љубовите на секој е неповторлива, незаборавна и незаменлива. А од сите само една трае до смрт.

Многу љубови во нашите животи се случајни, но ниедна не завршува ненадејно. Напротив, во секоја е запишано и почнувањето и нејзината судбина. Ни дава знаци сѐ додека трае, но ние или не умееме да ги разбереме, да ги протолкуваме, или, пак, не ги препознаваме како најава и предупредувања.

Љубовта не се споделува. Таа се живее различно и постојано се богати со знаења, умност и искуство од други.

Не мора да сум во право, ама сум убедена дека само рожба од љубов може да пронајде плодна почва и да фати длабоки корени.

Сешто доживуваме со љубов. Без неа, пак, рамнодушност нѐ заробува, нѐ разболува и нѐ умира.

Доблестите се најнепосредно поврзани со љубовите. Тие без нив едноставно не се можни. Не ги пројавуваме и не ги искажуваме во одлучни моменти.

Доблести на секој наш чекор, а без нив стоиме в место.

Од искони сал со доблести достигнуваме немерливи времиња и недосегливи простори.

Со доблести се освојува светот? Не само со нив. Заедно со љубови.

Која било и чија било доблест, исто како која било и чија било љубов, секогаш има не една, а повеќе темели односно животворни суштини како систем на вредности на опстојот. Нашите доблести и нашите љубови имаат четири: енергија, земја, човек и волја.

Доблестите прославуваат сечиј живот, сечие постоење и сечие минато во сегашност.

Знам дека по моето исчезнување ќе ме паметите според запомнатите и во минливоста запишаните мои љубови и доблести. По ништо друго. Не треба и нема зошто друго.

Leave the first comment