Се сетив на Софија и Дуња кои ги сретнав само еднаш пред многу години во кафулето „За паметење“, лоцирано на најголемата крстосница во градот викана „Жртви на слободата“. Во кое и ден-денес навраќам одвреме-навреме, седнувам во еден негов темен агол и немо и рамнодушно ги посматрам луѓето пиејќи си го своето претпладневно турско кафе.
Се сетив на Софија, филмски режисер и на нејзината ќерка Дуња, идна сликарка. Поточно на мојот кус разговор во „За паметење“ по срдечното запознавање, на тема творештво и уметност, односно за творечката енергија и амбициите на секој творец. Ги здогледав на влезот, почекав да се сместат во спротивниот светол агол кој гледа кон споменикот „Горостас“, па станав, дојдов до нив и ги прашав дали може да им се придружам. Тие ме загледаа, ми се насмевнаа и весело ми рекоа дека немаат ништо против. Напротив, баш се расположени ова претпладне да се подружат со непознат.
Убавото лице и стројната снага на Софија беа забележливи и оддалеку и одблизу. Ми се претстави како слободна жена која сака да се движи од точка до точка, од место до место, од простор до простор, од време до време, од негде до негде, а може и сегде. Тоа го искоментирав со „Интересно, мошне интересно“ и молчешкум го проследив нејзиното нагласување дека најмногу сака да се движи од една до друга вредност, од неминливост до неминливост, а најмногу од едно до друго дело на духовната авантура.
Ја дослушав:
„Тоа мое движење од едно до друго дело на духовната авантура нема апсолутно никаква врска со тоа што сум јас творец-филмска режисерка“.
Се согласив дека нема ни апсолутно никаква врска тоа што е на крајот од четвртата деценија живот, средовечна, неретко едновремено во минато и сегашно време без идно. Ако е уште жива, сега би требало да е во шестата. Во меѓувреме, до ден-денес немам ништо слушнато за неа како филмска режисерка, значи ништо и за нејзиниот филм „Живи и восочни луѓе“.
Ја збунив со мојата констатација дека е тоа состојба како пред исчезнување. Прифати со „Може да се нарече така“.
Се сетив на ќерка ѝ Дуња, тогаш четирианесетгодишна. Висока, повисока од мајка ѝ, сигурно над метар и деведесет, со убаво коцкасто лице, детинска насмевка, долга црна кадрава коса и веќе оформени гради. Идната сликарка која Софија ја пофали дека црта многу и убаво, дење-ноќе. Несомнено е талентирана и ќе создаде големи дела.
Кусиот разговор:
„Софија:
-Сонувам конечно да го снимам мојот филм „Живи и восочни луѓе“. Целиот филм ми е во глава, од прв до последен кадар. Веќе ги имам избрано главните глумци-дебитанти, најдобри во својата генерација на Факултетот за филмска уметност, а на кои јас им бев професор. Ја имам оформено целата филмска екипа. Скулпторот Иван Селукоски веќе ги изработи восочните луѓе според моите замисли. Уште да обезбедам финансии, да ја затворам финансиската конструкција.
Ја прашав:
-Вие му припаѓате на кругот творци и уметници во градов? Или и во него и надвор од него?
Софија ме загледа, па ми одговори:
-Досега тоа никој не ме прашал…Не сум ни помислила, а камо ли да размислувам…Хм…Вие сметате дека постои таков затворен круг? Во кој се само творци и уметници?!
Јас со широка насмевка:
-Секако. Ме чуди како тоа да не Ви е познато. Не велам дека е затворен, но знам дека во него се влегува многу тешко. Не е критериум создадено вредно дело, значи потврдено како такво, туку континуитетот на создавањето.
Таа:
-Да не мислите на Клубот на творците и уметниците? Меѓутоа, јас знам дека нема никаков критериум за влегување во него…Секој може да влезе…Исто е како секое кафуле во градот, само што сликите на ѕидовите и полиците полни со книги прават творечка атмосфера. Се разбира, во него најмногу се среќаваат твоци и уметници…
Јас ѝ влегов во зборот:
-Да го оставиме тоа…Што е со Вашето време…или во вашите времиња?
Дуња конечно зеде збор:
-Ние имаме и наше, заедничко и наши, свои времиња.Она е во свое секогаш кога треба да обезбеди додатни пари за вонредни трошоци, за нешто наше. Најчесто за купување некое дело од современ творец или слика што нè восхитила на некоја изложба. Се разбира, тоа воопшто не е лесно во денешно време. Впрочем, вредното отсекогаш била, е и секогаш ќе биде поскапа од дребнавото. Често ѝ се случува да не успее движејќи се само во своето време, па мора во туѓо…да работи вонредно, да нема часови за одмор…
Јас:
-Што значи тоа, мислам конкретно?
Софија:
-Тоа значи најчесто како секоја самохрана мајка…Знаете или претпоставувате…Чистење живеалишта на богати, на видни политичари и бизнисмени…Да го оставиме тоа…
Јас:
-А каде живеете? Прашувам онака…
Дуња:
-Живееме во наш двособен стан. Си имаме свои соби…Претпоставувате дека се преполни со книги и слики на познати и непознати сликари…Она во својата има стара филмска камера…
Софија одмавна со рака:
-Со еден збор, немаме зошто да се жалиме…Убаво ни е…Бивствуваме во свет кој живее динамично, возбудливо, творечки…А Вие? Ништо не знаеме за Вас. Што треба?
Јас кон Софија:
-Што да знаете?…Да речеме, јас сум творец пред исчезнување и…како рековте?…бивствувам во свет на живи и мртви, големи и мали, знајни и незнајни дејци и творци од многу, да не речам од сите времиња на човечката цивилизација…во моево…во нашево време.
Дуња:
-О, па тоа е многу интересно. А како бивствувате?…Комуницирате со нив? Живеете со нив? Споделувате нешто?
Јас:
-Да речеме, во моето време ми доаѓаат такви личности од дамнина, од неодамнешни времиња и од денес. Со некои сум во постојана врска, со некои се виѓавам одвреме-навреме. Најчесто разговараме за творештвото и уметноста, за творечката енергија и амбициите на секој творец…И слично.
Софија:
-Навистина интересно…И што најчесто произлегува од тие Ваши средби и разговори со нив? Да не е нешто во врска со пред исчезнување?
Јас рамнодушно:
-Да речеме, произлегува најчесто тоа-постоењето или траењето до пред исчезнување. Постоењето или траењето додека сме во живот, а пред исчезнувањето кога полека или ненадејно се оди во неврат. Еднакво во паметење и заборавање…Всушност, најмногу разговараме за творештвото и уметноста, за творечката енергија и за амбициите на секој творец.
Дуња:
-А што Ве врзува со нив и што ги врзува нив со Вас? Создавањето?
Јас:
-Токму тоа!…Ти ќе бидеш голема сликарка. Посвети се на сликањето. А Вие, Софија, морате да го снимите филмот…Како се викаше?..А, да, „Живи и восочни луѓе“. Ако можам некако да ви помогнам на обете, само кажете…
Софија:
-Ќе нè напуштите?! Тамам почнавме да разговараме на голема тема…Останете уште малку…Уште не сте го испиле кафето…
Јас:
-Мислам дека беше доволно…за почеток. Што се однесува на постоењето или траењето до пред исчезнување…Ќе продолжиме на таа тема следниот пат…Се надевам…Сега само ќе доречам дека творците, сеедно големи или мали, постојат или траат додека творат. Исчезнуваат кога ќе престанат умирајќи или од кои било други причини. Сосем е неважно дали продолжува да трае нивното творештво или, пак, и тоа исчезнува заедно со нив…Да бидам појасен. Тоа повеќе не е нивно. Најчесто го пресоздаваат или се пресоздава само…Драги дами, многу ви благодарам што бевме заедно некое време. Тоа многу ми значи…Белки ќе се сретнеме пак овде или на некое друго место“.
За жал, оттогаш па сè до овој миг ниту сум ги сретнал, ниту сум слушнал нешто за нив. Којзнае што им се случило во меѓувреме.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ ЗАМОЛК ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 70





