Собитија и состојба на нештата

Потребно време за читање: 2 минути

Сè повеќе и некако сè позабрзано се менува светот со него во центарот. Засега успева да се однесува како тоа воопшто да не го засега, како да не го допира, како да се однесува на други, а не на него. Но, самиот чувствува дека не ќе може уште долго да се опира со својата маска на рамнодушност. Сепак, ссе надева на силата што му ја дава докажаноста како центар. Дел од светот, тој во него и тој во него.

Тој во центарот на светот како круг, со него како негова средишна точка. Совршени? Ни тој ни тој. Не може да има совршен круг во свет кој се движи ту напред ту назад, ту лево ту десно, ту угоре ту удолу. Како што не може неговата средишна точка да биде единствена, па како таква одвреме-навреме да ѝ го отстапува центарот на друга. Впрочем, како секоја друга точка и тој како точка е собиралиште на многу, на безброј точки. Да, собиралиште, може да се нарече и врталиште, затоа што никогаш не е сам. Во зависност од состојбата на нештата, со него и околу него има доволно како него. Најчесто ни повеќе ни помалку.

Во светот со него во центарот менувањето на собитијата секогаш е во корелација со состојбата на нештата. Како се менуваат тие, така се менува таа. Кои собитија? Големи, мали, важни, неважни, надминливи, ненадминливи? Кои нешта? Некои големи, мали, важни, неважни, надминливи, ненадминливи или, пак, кои било?

Прво од собитијата:

Луѓето како индивидуи и сè помалку социјални битија се обградуваат со дебели ѕидови, до небо. Или ги обградуваат со густа бодликава жица низ која пуштаат електрична струја што ги одбива од каква било намера, а особено од каков било обид за бег кон слобода. Со други зборови, не ги убива мигум, туку само им втерува страв од смрт; ги стресува, па ги отфрла наназад. Најчесто снеможени ги ничкосува наземи. Бидејќи постојано се зголемува бројот на така обградените луѓе, ваквите собитија постојано се намножуваат и се ближи денот или ноќта кога нему, во центарот како средишна точка нема да му преостане ништо друго, освен да се даде во бег кон лична слобода.

Сега од нештата:

Повеќе внимание тој им обрнува на апстрактните односно замислените, одошто на реалните односно конкретните нешта. Тоа е затоа што тие не само што го преокупираат повеќе, туку и му ги мобилизираат, поточно речено му ги концентрираат чувствата и сомнежите за опстанокот на светот. На пример, црно-белите, и тоа не испреплетените, измешаните, туку строго разграничените. Неменливите. Се обидува да дејствува врз нив, да им ја порази разграниченоста затоа што е цврсто уверен дека во и меѓу црните и белите секогаш постојат многу други, обоени со други бои? Да, но притоа секогаш чувствува опасност по здравјето, па и по животот од сивите апстракции.

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 73