(Калил Џибран: „Пророкот“)
Калил Џибран е либански поет, филозоф и сликар. „Пророкот“ е едно од најпопуларните, најчитаните дела во нашево време.
Тоа не е книга што се чита во еден здив, а потоа се остава да го голта правот во библиотеката, туку напротив, со својата мисолвна, филозофска структура и содржина се наметнува како „прирачник за секојдневна, ежедневна употреба“, што би рекол еден наш поет.
Во ова дело пулсира длабока филозофија на животот. Вградени се универзални сознанија, мудрости, вистини и пораки, со едноставност што ја постигнуваат само големи мајстори, а која ги брани од маргиналноста на времето.
Калил Џибран е роден е во 1883. година, во едно место близу до Бејрут. Престојувал на повеќе наврати во Париз, се претставувал како сликар, учел кај големиот Роден, учел од Ниче и други актуелни филозофи на своето време. Студирал медицина и арапски јазик, а поголемиот дел од животот го минал во САД, каде што и умира во 1931. година, во болницата Сент Винсент, од цироза на црниот дроб и почеток на туберкулоза.
Џибран ѐ припаѓа на книжевната група Махџери, формирана од арапската емиграција.
Попознати дела-на англиски: „Невеста на небото“, „Скршени крилја“, „Солзи и насмевка“, „Бури“ и др.; на арапски: „Лудиот“, „Предок“, „Пророкот“ (1923), „Песок и пена“, „Исус, син човеков“, „Земски богови“, „Пророковата градина“ и др.
Според структурата, „Пророкот“ е сличен на големото дело на Фридрих Ниче „Така зборуваше Заратустра“, што доаѓа од користењето на исти извори- Библијата и Коранот. Меѓутоа, критичарите со право нагласуваат дека влијанието на Ниче е само на нивото на духовна инспирација и стилско-технички образец.
Основната содржина на ова дело е враќањето на човекот- пророкот од осаменоста, судбина слична на Буда, Христос и Мухамед. Всушност, станува збор за момент на разделба од народот кај кого долго живеел, во градот Орфалџа. Во тие моменти на тага, на сознанието за бесповратност и изгубена надеж во враќањето тој, Прокорот, пешачи низ песокта и на луѓето сака да им подари дарови, но не поседува ништо. Тие се собираат околу него и поставуваат прашања што им лежат на душа, што не се дел од едно конкретно време, туку ја одразуваат универзалноста на животот, неговата вонвременост. Им дава одговори за женидбата, децата, давањето, работата, радоста и тагата, купувањето и продавањето, злосторството и казнувањето, пријателството, времето, молитвата, уживањето, верата, смртта и друго.
Следат некои подвлечени места од мене, односно мудрости во ова големо дело на Калил Џибран:
„И секогаш било љубовта да не си ја знае длабочината се до часот на разделбата.
А да се љуби животот преку работата, значи да се биде близок со најскриените тајни на животот.
Никој не може да ви открие ништо, освен тоа што веќе лежело, полузаспано во почетоците на вашето знаење.
Вашиот пријател е одговор на вашите потреби.
Ниту оние коои куцаат не одат наназад.
Кој ја носи својата чесност поинаку освен како најдобра облека, подобро нека биде гол.
Поради голем човек сте биле големи“.