Беше со Никола Тесла во неговиот последен ден на живот. Може да се рече дека беа заедно во неговите последни часови. Се разбира, без никој во близина или далечина да го забележи, пред сè благодарение на тоа што беше сосем заборавен во длабока беда. Коска и кожа од човек во длабока старост.
Средбата се случи во хотелот „Њујоркер“, во кој го најдоа мртов. Непосредно по удирањето од такси среде улица и враќањето во собата со тешката повреда на грбот и неколкуте скршени ребра. Го убедуваше да повика лекар и да го прегледа или ако е во состојба заедно да отидат во болница. Тој одбива сметајќи дека на човек на негови години никој не може да му помогне.
Кога некој би го побарал тоа од него, тој би можел да посведочи дека Тесла не починал од коронарна тромбоза, како што утврдил лекарот кој го прогласил за мртов, а која, како што е познато, настанува по згрутчување на крвта во крвните садови на срцето и обично се поврзува со артеросклероза или со висок холестерол и масти на ѕидовите на крвните садови. Ги има предвид утврдените факти дека тој бил вегетаријанец, ретко пиел чај или кафе, дамна престанал да пуши, имал низок холестерол, но најнапред неговиот став дека смртта не постои и инсистирањето на корелацијата меѓу „другата“ и „вистинската“ реалност. Знаедше и за неговото често нагласување дека ја има моќта да го гледа светот со свои очи и да ја менува реалноста со помош на свеста.
Не спореше со него, зашто едноставно немаше што да се спори, а со прашања и потпрашања само го поттикнуваше да ја продолжи или заврши мислата:
-Господине Никола Тесла, останувате ли на ставот за смртта кој и ден-денес, по толку многу години од Вапшата бедна смрт, често го цитираат од збор до збор? Дозволете и јас:
„Смртта не постои, а со тоа сознание исчезнува и стравот од неа. И запомнете: ниту еден човек кој постоел не умрел. Луѓето се претвораат во светлина и како такви сè уште постојат. Тајната е да се вратат тие светлосни честички во првобитната состојба. Враќање на една од претходните енергии…Христос и другите ја знаеја таа тајна. Барав како да ја зачувам човечката енергија.Тоа е една од облиците на светлината. Во душата понекогаш е еднаква на врвната светлина на небото. Тоа не го барав заради него, туку заради доброто на сите. Верувам дека моето откритие ќе го направи животот на луѓето полесен и поподнослив и ќе ги насочи кон духовноста и моралот“.
Му одговори замислено:
-Се разбира. Ја преферирам менталната компонента која ја поврзувам со духовноста на човекот и го овозможува неговиот напредок. Се надевам дека ти е познат мојот судир со Ајнштајн во врска со неговото негирање на менталната компонента.
-Се разбира. Но, не ми звучи баш утешително дека човекот не умира оти смртта не постои, туку тој се претвора во светлина односно светлосни честгички…Прилично поетички…
Тој по малку нервозно:
-Имајте го предвид психичкиот живот, неговите механизми од една, и поврзаноста на низата слики од „другата реалност“ со настани во „вистинскава реалност“, односно нивната постојана корелација.
Тој по малку твдоглаво:
-Го имам предвид тоа, но мене ми е некако поблиска смрттта како резултанта на паметењето и заборавот. Или, ако сакате, на минатото и сегашноста во иднина. Мислам дека треба да се има предвид и постоењето на богот Јанус…
Тесла со подвикнување му го пресече гласното мислење:
-Што Јанус?! Јанус е во мене, во тебе, во секој човек. Тој нема никаква врска со смртта. Има со времето и секој почеток…Јанус-јануари…
Тој упорен:
-Пред сè како присутен на раѓањето на секое човечко суштество, со жезол во десната и клуч во левата рака. А од особена важност е неговиот приказ со две лица-младешкото, со поглед напред, во иднината, и старото, со поглед назад, во минатото.
Тесла:
-А како бог на војната и мирот? Не знаете за неговиот храм, затворен во време на мир, отворен во време на војна? Тоа ништо не ти говори?
Тој му одговори:
-Се разбира дека знам. И тоа баш животот и смртта како мир и војна…Знаете што, Господине Никола Тесла? Мислам дека смртта не постои не за секој човек, туку за гениите како Вас. На кои материјалноста воопшто, а поготово богатството не им значи ништо. Па обично умираат во беда…Како Вие. Врвна, најсјајна светлина во вселената и најсилна енергија…Духовност и морал…
Никола Тесла само одмавна со десната рака, замолче и легна во креветот во темниот агол на хотелската соба. Тој го остави во својата самота. Знаеше дека неа ја сака најмногу од сè.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 15