За смртта исто како за животот. Ниту да се трошат повеќе или помалку зборови, ниту малку или многу да се умува. Не се еднакви во рамнодушноста, но не се ни во тагата од неа и радоста во него.
Само оној до кого смртта барем еднаш не била близу, до него, со него, не чекорела зад него, пред него, крај него, не знае колку е лесна и едноставна. Дека освен болката што ја предизвикува некое време, нема ништо што би можело да ја продолжи.
Не се плаши од смртта никој, а од умирачката само оној кому таа му умирала близок мачно. Да не им претежи на живите.
И за бесмртноста како за животот не треба да се трошат многу зборови. Зашто е и незамислива и недофатна. И постои и не постои.
Бесмртноста, исто како вечноста, е непосредно поврзана со времето и просторот, со траењето во нив. Може да биде независна, сама по себе и сама за себе? Тоа зависи од разбирањето на постоењето на сè, особено на човекот и човештвото. Всушност, постоењето е бесмртност.
Мисла и дело бесмртни? Можеби во сегашност со минато за иднина.
ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 84