Доживување III
Корен Стаменоски со прекар Име имаше незаборавно доживување на тринесет години: се изгуби во слепа улица, го најдоа татко му и мајка му жеден и гладен пред полноќ и тие инсистираа да запамети дека тоа му е голема животна лекција.
Татко му Стојмир и мајка му Милица го учеа дека слепа улица не значи улица која завршува, а не продолжува, ниту безизлез, туку оти е тоа улица која луѓето што живеат во неа ја пресекле, притоа не дозволувајќи некој незнаен или скитник да си стокми живеалиште помеѓу нив. На Име тоа не му беше прифатливо на тие години, особено кога тој и другарите направија слепа уличка со висок ѕид на крајот и се заигруваа во неа чувствувајќи се наполно слободни.
Корен Сатаменоски се најде, а за неговите се изгуби во слепа улица на крајот од градот, речиси на работ од бездната што го делеше Костец од градот Сивота. За кој не може да се рече дека му е соседен токму поради неа. И ден-денес, пред доодување, тој не знае како се најде и зошто за неговите беше изгубен. Мисли дека бил сам, го фатила ноќ, канделабрите сѐ уште не светеле, а улицата му била загадочна поради длабоката тишина. Само тој во неа. Од двете страни празни тротоари и приземни куќи од камен и дрво залепени една до друга, со по еден прозорец и врата. Длабоката тишина му ја докажуваше мислата дека во нив не живее никој.
Веќе му стана бескрајна, а премалуваше и стануваше гладен и жеден сѐ повеќе.
Стојмир и Милица не му кажаа ниту тогаш, ниту кога било потоа што ги навело, како се сетиле да го побараат токму во слепата улица. Како да стануваше збор за некоја голема тајна.
Во врска со ова доживување Име ги памети зборовите на татко му:
„Секој град има многу слепи улици. Всушност, таква е секоја за оној што го открива и го учи животот. Но не за оној што се обидува да го прифати прилагодувајќи го на своите можности, потреби и стремежи. Во нив живеат самодоволни луѓе, кои не дозволуваат дојденци да им ги нарушуваат редот и ритамот на секидневноста…Сѐ дури не доодиш, синко наш, одбегнувај ги слепите улици“.