ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Потребно време за читање: 2 минути

Настан VII

Тоа рано утро наспан, одморен, ведар излезе од дома и вторпат се најде на брегот на Камена река. Спружен спроти сонцето ги гледаше нејзиниот брз тек, удирањето во големите камења, вировите, пенливите бранови. Нејзиното корито пред него и догледно по него беше стеснето, а угоре кон Боровата шума и планината широко, како да беше смислено да тече забавено, па забрзано. Угоре реката и длабока, пред него и догледно по него плитка, понегде најплитка, дури за прегазување.

Чудно за Костец ако се земат предвид реките во соседните и подалечните градови мегалополиси: Камена река во ова есенско време, на две недели пред настапување на зимата, беше чиста, дури бистра на излезов од градот. Име заклучи дека штом е таква тука, мора да е и крај него, меѓу двата кеја од бел и црн мрамор. Тоа значи дека со правењето на нејзиното корито, за да не тече среде и да го дели на два еднакви дела, за жителите да не се оддалечуваат меѓусебно, да не се гледаат напоречки, па и да се мразат, да се закрвуваат, е најдено решение и за нејзината матност и загадувањето?

По некое време до него дојде средовечна седокоса жена. Имаше ведра насмевка на убавото лице со модри подочници, искривен нос, мала црна брадавица на левиот образ и две длабоки брчки на челото. Корен Стаменоски со прекар Име ја препозна. Тоа беше жената од првото негово доживување, како почеток на запознавањето на Костец, на неговиот и градот на татко му Стојмир и мајка му Милица.

Се запознаа:

-Здраво, јас сум Верна. Се сеќаваш на мене, на нашата средба крај рекава?

-Јас сум Корен. Да, се сеќавам. Тоа беше куса средба, а не се ни запознавме.

Верна:

-Стана дел од неа?

Корен:

-Што знам…Можеби…Не разбирам како Костечани успеале да ја исчистат, да ја направат дури бистра. И покрај Централната населба среде, со облакодери, обѕидана со дебели бедеми.

Верна:

-Да, направија пречистителна станица, вградија најнова филтерска технологија, ама друго беше пресудно. Откако се виде дека остана матна и покрај правењето на нејзиното корито крај градот, дури ѝ се зголеми матноста, почнаа повеќе и побрзо да ја полнат со секакви валканици, се собраа видните и политичарите во градот, па по долги разговори, расправии и преговарање се согласија да му дадат смисла и содржина на сожителството. Со кои нема да се оддалечуваат меѓусебно, нема да се гледаат напоречки, да се мразат, да се закрвуваат.

Корен:

-Какви смисла и содржина?

Верна:

-Смислата да е во опстанокот, а содржината во богатењето на квалитетот на животот.

Корен доби одговор каков што претпостави и посакуваше.

Верна надежно:

-Следниот пат ќе се сретнеме на Мостот на великите. Договорено?

Корен радосно:

-Договорено.

Корен со прекар Име се врати дома чудно расположен. Како да доживеал нешто ненадејно и возбудливо, но неразбирливо.

Leave the first comment