Што се случува во мозокот кога се сеќаваме на своето минато?

Потребно време за читање: 3 минути

Во потрага по одговорот на прашањето какви активности се одвиваат во нашиот мозок кога се сеќаваме на своето минато, истражувачите користеле функционална магнетна резонанца (fMRI) за да ја забележат мозочната активност.

Во студијата објавена во Журналот за когнитивна невронаука, во која е користен „дневничкиот метод за собирање на мемории“, е утврдено дека сѐ зависи од тоа за што размислуваме.

На научниците веќе со децении им е познато дека размислувањето за автобиографските факти се разликува од размислувањето за автобиографските епизоди кои се случиле само еднаш. Бидејќи овие видови на сеќавање можат да се јават во исто време кога луѓето зборуваат за своето минато, научниците откриле ефикасен начин да ги раздвојат и да одредат кои мозочни региони ангажираат, дури и кога е во прашање иста содржина.

Студијата реализирана на Истражувачкиот институт Ротман Центар за геријатрија Baycrest претставува прва од тој вид во која се користени мемории слични на дневник. Во текот на период од неколку месеци пред скенирањето на мозочните активности, доброволните учесници во оваа студија ги бележеле сите специфични настани (епизодни мемории) од своите животи на еден мал магнетофон.

Во исто време снимале и изјави за фактите од својот живот (семантички мемории). Во текот на експериментот истражувачите на учесниците во оваа студија им ги пуштале забележаните снимки и истовремено го скенирале нивниот мозок со помош на fMRI.

Резултатите од овие експерименти покажале дека двата типа на автобиографска меморија ангажираат различни делови на мозокот, дури и кога мемориите имаат иста содржина. На пример, изјавата „Секој петок попладне одам во подолга прошетка со кучето“ произвела мозочна активност во еден дел од мозочните региони, додека епизодата опишана како „Еден петок попладне моето куче почна да бега и поминав 45 минути во јурење по него“ произвела мозочни активности во сосема друг дел од мозочните региони.

„Иако обата вида на мемории се автобиографски, тие им служат на моше различни цели“, вели водечкиот истражувач Д-р Брајан Ливајн, професор по психологија и неврологија на Универзитетот во Торонто. „Фактичката автобиографска меморија не одредува, не „сместува“ во времето и обезбедува континуитет во нашите животи. Епизодните автобиографски мемории ни овозможуваат да патуваме низ времето и повторно да го доживееме своето минато“.

Се смета дека можноста од предизвикување на толку богато обновување на сеќавањето на некој настан, кој е содржан во автобиографската меморија, е единствена способност на човечкиот вид и мошне важна за донесување на одлуки и квалитетот на животот. Д-р Ливајн и неговиот тим откриле дека овој облик на меморија далеку поинтензивно ги ангажира фронталните делови на мозокот одговорни за самосвеста, како и деловите на мозокот кои се одговорни за визуелната меморија. Мошне е важно да се нагласи дека загубата на можноста за сеќавање на сопствени епизодни мемории, која често настанува како последица на сериозни повреди на мозокот, може во значителна мера да биде погубна за тоа лице, како и за неговото семејство. Дури иако кај таквите лица се задржале автобиографските факти за неговиот живот, тоа не е доволно доколку не е во состојба да се сети и повторно да „преживее“ одделни епизоди од своето минато, како што е, на пример, денот на венчавањето.

Во неколку поранешни студии засновани на снимање на мозочните активности е веќе пронајдена разликата во мозокот во однос на фактичката и епизодната автобиографска меморија. Меѓутоа, од учесниците во овие студии е барано да се сетат на настани кои обично се одиграле пред неколку години и не било можно да се утврди колку често пробале да се потсетат на нив во текот на годините. За разлика од таквиот пристап, оваа студија ги користела епизодите од дневниот живот кои не биле постари од неколку месеци.

Учесниците во студијата забележале голем број на настани и тоа само неколку минути или часа откако се одиграле. Во експериментите се користени само случајно избрани делови на забележаните изјави, така што доброволните учесници не знаеле однапред за кој настан се работи додека не го слушнат својот глас преку слушалки. Снимките предизвикале мошне богати мемориски искуства, односно сеќавања на одредени настани или факти, така што научниците мошне лесно можеле да одредат кои мозочни региони се поврзани со фактичките (семантичките), а кои со епизодните автобиографски мемории.

„Идејата за овие истражувања ги добив еден ден кога бегло го погледнав писмото што сум го напишал за еден настан за кој не сум можел да се сетам кога се случил“, се присетува Д-р Ливајн. „Наеднаш почувствував како мојот мозок е преплавен со сеќавања. Во тој момент почнав да размислувам за начинот како тоа чувство на „мемориско пребарување“ може да се добие на скенер. Требаше да се пронајде начин како тоа да го направиме на самото место, во моментот кога сеќавањето навистина се одвива. Така настана идејата за магнетофонско снимање на изјави за настаните и фактите. Прегледав слични истражувања и пронајдов дека во текот на последниве години само неколкумина истражувачи извршиле испитување засновано на овој вид на дневнички студии, но сите тие користеле бихевиорални тестови, како што е времето на реагирање и слично. Никој досега не реализирал студија заснована на снимање на мозочните активности“.

Проблемот кој истражувачите го имале бил пронаоѓање на доброволни учесници на овие експерименти кои прифаќаат уредно да снимаат дневнички записи во текот на период од 6 до 8 месеци. Проблемот е решен така што учество во ова истражување зеле 5-мина вработени во истражувачкиот институт, кои лично биле заинтересирани за овие истражувања.

Иако бројот на учесници бил релативно мал за овој вид на студии, откритијата биле поткрепени со бројни случаи и успешно повторени на голем број примери.

Leave the first comment