17. Ах, ах
Љубовна сцена:
Младич и девојка квечерум на клупа во парк под жалосна врба. Прегрнати.
Младичот:
-Ах, љубов само моја!
Дедвојката:
-Ах, љубов само моја засега!
Младичот (се оттргнува од нејзината прегратка и по подолго втренчено гледање во неа):
-Ах, љубов, зошто само твоја засега?
Девојката (исто така по подолго втренчено гледање во него):
-Ах, љубов моја, па уште не си ми се докажал!
Младичот:
-Ах, љубов моја, како мислиш?! Да не мислиш сексуално?
Девојката (во негова прегратка):
-Ах, љубов моја, ти добро знаеш дека сексот не ми е многу важен. Мислам како младич наместо…Нежен, одговорен, пожртвуван, со политикантски амбиции…
Младичот (ја оттргнува од себеси и ја гледа збунето):
-Ах, љубов моја, добро ли те чув? Зарем не ти се докажав како таков…А како мислиш со политикантски амбиции?
Девојката (го гледа зачудено):
-Ах, љубов моја, зар треба да ти објаснувам?! Не знаеш што е тоа политикант?!
Младичот (ја гледа рамнодушно):
-Ах, љубов моја, се разбира дека знам, ама не ме бидува. Не можам да се замислам таков.
Девојката (исто така го гледа рамнодушно):
-Ах, љубов моја, па како мислиш да ни обезбедиш на обајцата светла перспектива во оваа државичка? Или мислиш да му ја летнеме во странството и таму да ни обезбедиш таква со знаење и пожртвувана работа?
Младичот (разочарано):
-Ах, љубов моја, сега ептен ме разочара! Ние уште секс не сме имале, а ти ми збориш за светла перспектива. И уште наша, што јас ќе ја обезбедам. Не велиш ќе ја обезбедиме заедно!
Девојката:
-Ах, љубов моја, треба да знаеш дека мене ми е веќе доста од романтични љубови. Сум имала не знам колку и ми се докажало дека вистински такви нема во ова модерно материјалистичко-потрошувачко капиталистичко општество. Ако има некоја, таа нема апсолутно никаква перспектива. Така што нашава…
Младичот (ѝ влегува во зборот тотално разочаран):
-Ах, љубов моја, велиш не ја бидува?
Девојката (отсечно и подналутено):
-Велам!
Младичот вели за последен пат само „Ах“, по него исто девојката. Ја напуштаат сцената на пристојна оддалеченост еден од друг. Потоа завесата се спушта.