ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 2 минути

13. Зини да ти кажам

По една предизборна средба на лидер на една демократска опозициона партија и најтесното раководство со граѓани на едно село. Собрани во селска меана на главно џаде, на чашка ракија.

Лидерот:

-Селски граѓанину, за кого ќе гласаш на изборите?

Селскиот граѓанин:

-Зини да ти кажам.

Лидерот:

-Што се лутиш? Само прашав. Ако не за мојата партија, тогаш за која? Заслужува некоја друга? Знаеш за друга подемократска од нашата?

Селскиот граѓанин:

-Ма, не се лутам почитуван лидеру, туку мислев буквално. Те слушав на митингот на сточнион пазар. Нешто чув, нешто не дочув од кравите, воловите, коњите, магарињата и овците, разбрав што разбрав за она што ќе ни го направите и преправите ако победите, па ти велам зини да ти кажам.

Лидерот:

-Нема проблем, многупочитуван граѓанину, ќе зинам и зинат ќе останам дури не слушнам.

Селскиот граѓанин:

-Е така. Патем, устата не ти е баш мала, забите ти се ко бисери и ми е јасно како можеше толку да мелеш.

Лидерот:

-Ако почнеме да се навредуваме…

Селскиот граѓанин:

-Не бе, јас тоа само онака…патем…Ај да не останеш предолго зинат и да не почнат пак да ти летаат зборови, та да не можеме ни со заеднички сили да ги прибереме. За тебе ќе гласам, ама за вашиов кандидат не!

Лидерот:

-Како?! Како за мене, а не за него? За мене не можете, не сум во списокот. А вашиов ептен си го познавате! Одвај го најдовме да е наш од вашите редови.

Селскиот граѓанин:

-Ами само тебе те чувме, лидеру. Него не! Тој не ни гукна…Добро, си го знаеме каков е. Колку му сече умот, колку му фаќа зборот. Ама барем да кажеше дека тоа што ти го вети тој ќе го исполни. Вака…Ти вети, а тој не ни вети дека ветеното ќе го реализира.

Лидерот:

-За тоа ич да немаш гајле. Ни ти, ни твоите соселски граѓани. Јас давам збор. Нема од мене празни и лажни ветувања ко другите што ги даваат. Сè е тоа реално, остварливо, вам ептен потребно…Само да победиме на изборите. А за тоа секој глас, од твојот до последниот во селово ни е драгоцен.

Селскиот граѓанин:

-А ако не победите? Што ќе биде со ветувањата и со нашиов ваш кандидат?

Лидерот (им се врти и на другите собрани околу нив):

-Како што еднаш рече еден друг лидер, само на денот на изборите демократијата е во ваши раце. Ако згрешите, ако утнете, тоа ќе ви е. Тешко вам ќе ви биде. Затоа берете ум дури има уште време. Уште сега бидете на јасно и решете дека ќе гласате за мојот ваш кандидат на мојата партија.

Селскиот граѓанин:

-Немај гајле, лидеру, ние никогаш не грешиме…Ај да се напиеме уште по една, па да си кажеме „Збогум , со здравје“…Нивјено и полињана нè чекаат. За нив нема демократија, политика, ветувања, избори, гласања…Има уште многу до денот на изборите.

Лидерот:

-Ама не кажа дали ќе ни го дадеш твојот глас, селски граѓанину.

Селскиот граѓанин:

-Како да ти кажам кога не си зинат?…Ама чекај, немој пак да зинуваш. Ти ко да не разбираш…Си заборавил дека гласањето е тајно и никој нема право да прашува кој за кого ќе гласа, а камо ли да врши притисок…Тоа со зинувањето е симболично. Исто како „Мижи Асан да ти баам“. Запомни го тоа за да не грешиш следниот пат…Ај со здравје!

Сите стануваат, освен лидерот и неговите сопартијци. Набрзина ги празнат чашките, па стануваат и тие и излегуваат. Влегуваат во автомобилите и тргнуваат кон соседното село, на следна средба со селски граѓани.

Leave the first comment