Познато (Интернет):
Во основа, семејните вредности се однесуваат на семејната структура, функцијата, улогите, верувањата, ставовите и идеалите. Тие најчесто ги опфаќаат чесноста, лојалноста, трудољубивоста и верата, односно „здравото функционирање на семејството и зајакнување на општеството“.
Се издвојува фамилијализмот дефиниран како идеологија за која семејството и семејните вредности се приоритет. Значи, тие се пред потребите на поединците. Оваа идеологија промовира систем на социјална заштита во кој семејствата, а не владата преземаат одговорност за грижата за своите членови.
Мислења и ставови на учени за семејните вредности:
Вредностите кои ги наследуваме од нашите родители првенствено се остваруваат во рамките на семејството. Тие претставуваат збир на морални, општествени, политички, религиски и работни вредности.
Кога е збор за семејните вредности, особено проблемот на нивната ерозија, секогаш треба да се имаат предвид влијанието на црквата и религијата, како и тн. западна цивилизација-конзервативноста и либерализмот.
Семејството е суштествено во развојот на индивидуата, едновремено и на општеството во целина. Тргнувајќи од развојот на личноста на детето, неговите навики, норми и вредности кои ќе станат дел од неговиот морал и вредносниот систем.
Семејството создава позитивни модели на идентификација, а ги содржи добродетелството, емотивниот однос, љубовта, блискоста, почитта, чесноста, разбирањето.
Што е со семејните вредности во нашево време? Тие се ништат или станува збор за нова согледба на тн. здраво семејство?
Неминовно се менуваат улогите, а акцентот се става на намалената социјализаторска функција во современото семејство.
Во современите семејства се изделуваат некои стари ритуали кои или исчезнуваат или се трансформираат: наследување семејни предмети (накит, стар мебел), заедничка семејна вечера, време за семејство без технологии-технолошки уреди и др.
Темел на семејството и семејните вредности е секако заедништвото, конкретно заедничкиот дел од животот на ближни. Сеедно дали тој се одвива во заеднички простор и време или на неделни, месечни, дури годишни собири. Како потврда на одржувањето, поточно неменливоста на затврдените односи, гледишта и ставови, споделување на лични и колективни интереси наспоредно со усвојувањето односно воведувањето нови „стандарди“.
Воочен тренд, несомнено долгорочен:
Сè поголемо заедничко време во заеднички простор-заедничка живеачка на две, па и повеќе генерации; независно од социо-економскиот статус на поединците. Што подразбира индивидуална култура на однесување, меѓусебно разбирање, висок степен на толеранција, спомагање, поддршка, поткрепа и самостојност во одлучувањето и дејствувањето.
Секое промислување за семејството и семејните вредности треба да почнува и завршува со нужноста од здраво семејство како предуслов за здраво општество и постојано затврдување на ефикасноста на државата.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 103