Секогаш со убавина

Потребно време за читање: 2 минути

Не дека секогаш со убавина се бори против грдоста, ниту му ја спротивставува во секакви состојби и ситуации. Напросто е свесен дека тоа е не само возможно, туку е и непотребно. Со други зборови, на грдоста ѝ дозволува да чекори наспоредно со убавината, но притоа внимава да не навали на неа, со што-годе да ја огрди.

За себе тврди и докажува дека е секогаш со убавина. И во прилика и во неприлика. И е. Му значи тоа? Му значи зашто ја осознал како вредност, дека човек се докажува со неа и во неа. Од друга страна, нејзината трајност ја затврдува неговата постојаност.

Памети една убавина која несетно мигум застанала пред него, па минала покрај него како да била минлива. По некое време пак мигум се нашла пред него, но тогаш не дозволил да мине како да е минлива. Ја фатил за рака, ја привлекол кон себе и ѝ шепнал:

„Ти си моја и не се обидувај се да ми избегаш“.

Таа го погледнала продорно, никако да ги заборави нејзините сјајни црни очи, па му одрекла:

„Ако ти е до мојата убавина, јас не сум вистина убава. Грдоста на моето лице ја имам покриено со маска на убавина. Подобро совреме да узнаеш дека не можам да бидам твоја. Поготово зашто убавината ти е поважна од сè“.

Тој ја загледал сомничаво, па ја прашал:

„Ти ме познаваш? Те познавам? Се познаваме?“

Таа му одговорила со тажен глас:

„Јас те познавам, а ти мене не…Подобро да не почнуваме“.

И со брзи чекори се оддалечила од него.

Теодор рекол или запишал за секоја убавина:    

Секоја убавина-единствена.

Не се прикажува убавина, туку се смислува и осмислува.

Нема рамнодушно срце пред убавина.

Не опстанува човек без убавина.

Умност и убавина-за паметење.

Убавина и вистина: вистинска убавина и непореклива вистина.

Убавината никогаш не стои пред грдост.

Убавината се бара, а грдоста е неприфатлива.

Вистинската убавина е под поврвнината.

Убави луѓе во убав свет.

Се гледа убавина во огледало и забележува дека зад неа стои непозната грдост.

Гневен човек не догледува убавина. Често затоа што е од неа заслепен.

Природна убавина и за дома и за надвор.

Убавината е за сите од раѓање до смрт.

На убава жена меѓу учени мажи не ѝ треба ученост.

Ни голем ни мал крадливец не се осмелува да краде убавина ни за себе ни за друг.

Никогаш не ја откриваме сета убавина со која сме.

Секогаш и секаде однесувај се убаво.

Моќта на убавината е во нејзиното траење.

Стројното тело е убаво и голо и облечено.

Можеш да прикажеш воздржана убавина?

Убавината секогаш се пее и препејува со убави зборови.

Убавино, со тебе сакам да бидам и дење и ноќе.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 5