Тој го прашува како е, а тој го прашува мене ли ме прашуваш. Тој му вели а кого друг, да не има уште некој со нас, а тој гледа пред себе во празно и му одговара не прашувај, имам голема секирација.
Тој го прашува што му е, да не не му се сите кози на број, да не го нанервирал некој, да не го извадил од такт, да не му сторил нешто лошо, а тој му одговара подобро да не го прашува зашто за тоа не му се збори.
Тој го прашува за што не му се збори, зарем ни нему, на добар, стар, верен пријател нема да му каже, па тој можеби ќе може да му помогне, да му олесни, колку-толку да му ја намали секирацијата, а тој му одговара веќе никој мене не може да ми помогне.
По неколку чекори во молк тој по малку нервозно му вели дека го навредува што се однесува така спрема него, значи не му верува, не го смета за искрен пријател, кој ако не може тој да го разбере, ако не може да му помогне можеби ќе може да му каже збор-два како утешение, а тој по малку нервозно му одговара дека не е тоа тоа, како може да помисли дека нему не му верува, зарем досега не си докажале меѓусебно дека се најдобри, најискрени пријатели, но она што го погодило многу длабоко не може да се искаже со зборови.
Тој успева да го натера да му каже во што е работата, што е проблемот, кој е тој што го погодил толку длабоко, што толку го изнасекирал, само нека му каже па тој ќе го најде и ќе му каже убаво, има да му одржи лекција, ќе си го добие своето, а тој молчаливо ја занишува главата лево-десно, па натажено му вели дека ја напуштил работата, веќе не можел да го издржи стопанот, многу го налутил, го извадил од такт, го отерал во мајчината, му дал отказ, па сега е без работа.
Тој го потчукнува по рамото, молчи неколку чекори, па со насмевка му вели добро си сторил, јас одамна ти велам дека да сум на твое место не би го издржал, би го отерал во мајчината, тој мене да ми се качува на глава, како да не, не се родил таков, тој не е никаков стопан, нема поим од бизнис водење, добро сторил што му дал отказ и да не се секира зашто е сега без работа; денес воопшто не е тешко да се најде работа како што беше порано, ќе проба тој да му помогне, ако не најде може да го вработи тој, па ќе туркаат заедно како знаат и умеат; и го прашува ако не е при пари може веднаш да му даде, ќе му врати кога ќе има. Тој молчи неколку чекори, застанува, се врти кон него, го гледа право во очи и му вели со спокоен глас не сум премногу насекиран зашто дадов отказ, брзо ми мина нервозата, знаеш дека не ми е првпат да сум без работа, наоѓам работа кога сакам, фала ти, пари засега не ми требаат, ќе ти побарам ако се најдам во зорт, а отказот на стопанот со отерувањето во мајчина беше само почеток или поточно продолжение на мојата насекираност.
Тој исто така застанува, молчи некое време, па се врти кон него, го гледа право во очи и му вели дали конечно ќе му каже што толку го насекирало. Тој веднаш и прилично нервозно му одговара жена ми ме оставил, всушност ме изневерувала со многумина што ги знам и не ги знам, со месеци ми набивала роговори, а јас вол, да дознам и да се уверам во тоа откога ги начекав во нашата куќа, во нашата спална соба голи, еј во нашиот брачен кревет со пејачот…го знаеш…; ѝ удрив една жешка, му удрив нему еден бокс директно во брада и излетав надвор; не знам како се воздржав да не им направам нешто полошо, живи да не ги оставам, знаеш што можам кога ќе ми се стемни пред очи…;ти знаеш колку ја сакав.
Тој му вели потиштено дека е изненаден, просто е вџасен, ни на крајот од умот не му иде таа да била таква, таа нему да му набивала рогови, тоа е стварно за голема секирација и навистина не знае како би можел да му помогне, има ли начин како барем малку да го орасположи. Тој му одговара по длабока воздишка дека тргнал во некое кафуле да се опијани, да се стори тапа, мртов пијан, а би било добро да му се придружи, да му се најде, да му помага кога ќе се стори. Тој прифаќа радо, надевајќи се дека заедно барем час-два ќе подзаборават на неговата секирацијата. Влегуваат во првото кафуле на кое наидоа.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 34