23. Критериумите
Се вика Цвета Видеска и е една од најактивните во невладината организација „Личност и живот“, во Македонија водечка во заложбите и конкретните акции за слободен, неограничен, демократски, богат, здрав и среќен живот, во и со вредности; наспроти минливиот, безначајниот, маргиналниот, исполнет и опкружен со дребнавости. Каде било и со кого било да се најде, таа ги наметнува тие заложби, притоа секогаш поентирајќи дека всушност станува збор за нужност од изградени и во континуитет надградувани критериуми за сè во животот и сè непосредно и посредно поврзано со него. Кои, пак, од своја страна ги формираат и афирмираат личноста на човекот и неговата улога во животот на општеството.
Цвета Видеска, триесет и тригодишна, вработена како забен протетичар во една приватна стоматолошка ординација, со лични финансиски средства отпечати книшка насловена „Критериуми за вредното и убавото“, со поднаслов „Секидневни записи на една слободоумна жена“. Му ја подарува на секој што го среќава и познава, на секој со кого се разминува на улица, на крстосница, на плоштад, на кеј, во парк, на пазар, во кино, театар, во молови, модни салони, кафулиња…Со насмевка и препорака: „Ве молам, најдете слободно време и прочитајте ја. Може да ви помогне“.
Во „Критериуми за вредното и убавото“ има еден многу кус расказ, всушност прашање на Цвета Видеска и одговор на Јордан Стамески, млад човек, студент по историја. Насловот: „Времиња и време“:
„Го прашувам Јордан Стамески, млад човек, студен по историја:
-Што мислиш за вредностите на модерниот живот?
Тој ми одговара:
-Многу тешко прашање. Хм…Што мислам? Мислам дека треба многу да мислам за да одговорам…Ќе ти одговорам кратко, ама без додатни прашања… Мислам дека како секој пред него, и модерниот живот, што го живеам, што го живееме денес, се темели на вредности. Проблемот е што од ден на ден е сè потешко тие да се препознаат затоа што се нема за нив изградени критериуми од една, а од друга страна брзаницата на животот просто наметнува нивно обезвреднување и изедначување со дребнавостите. Мислам дека има уште еден многу тешко надминлив проблем, особено од младиот човек: несамостојно и површно прифаќање на нештата кои го деградираат, деструираат, дехуманизираат, обезличуваат и обезименуваат човекот…Јас сум студент по историја, па можам да го докажам ова: минатото и сегашноста не можат да се осознаваат без критериуми за траењето, вкоренувањето на постоењето и квалитетното живеење. А идината без нив не можеме ниту да ја препознаеме во нашево време, ниту да се надеваме дека ќе биде и наша“.