84. Растајнување
Што е со портретот на Аврам? Го завршија ли Љуба и Самобитна сенка? Завршен е за оној што долго не гледа никаква промена, никаква интервенција на платното, ама за нив не е сѐ додека е на штафелајот. И за Аврам.
Сега се заедно во ателјето, токму пред него. Аврам со озарено лице, со восхитени очи, Самобитна сенка чудно онемена, а Љуба седната на дрвена столица, со четкичка во десната рака и дрвена палета со измешани маслени бои, загледана во сините очи и огнот во зениците.
Аврам:
-Не е завршен мојов портрет? Нешто му недостасува?
Самобитна сенка:
-Можеби треба уште да се нагласи загадочната насмевка. А и огнот во зениците како да се шири.
Љуба:
-Не, не е завршен! Има уште многу работа…Авраме, сине мој, те молам постој крај прозорецон да те облее сончевината…
Аврам изненаден, речиси стаписан:
-Сине?! Ме нарече сине?…Јас сум твој син?!
Љуба гледајќи во портретот, со воздржан глас:
-Да, ти си мој син…Јас сум твојата биолошка мајка…Ете, веќе нема таење…Конечно узна. И беше време..Авраме, сине, отсега јас, ти, ние…
Вкочанети, загледани еден во друг. Молк и солзи.
(Автор на портретот: Џими Лоу, Јужна Африка)