83. Замислено или сонувано
Љуба:
-Чудно, самобиотна сенко моја, многу чудно! Брзам да ти раскажам, а ништо да не пропуштам. Пред некој ден замислив или сонував (спиев?) дека во нашево ателје сме се собрале јас, ти, Самобитна сенка, Аврам, Доктор Стефан Веселовски, мојот Аврам и Славен Источник! Јас вкочанета и нȇма, како безживотна; ти како јас, но со проѕирно срце; Самобитна сенка исплашена, како затворена во себе; Аврам жизнерадосен, досега никогаш не сум го видела толку; а Славен Источник крај мене, ведар и спокоен, без престан со продорен поглед нѐ одмерува еден по еден, како да се обидува да открие нешто во нас.
Самобитната сенка:
-Навистина чудно, Љуба! Сеедно дали си замислила или си сонувала.
-Некое време молчиме сите, па прозборува Аврам:
„Пак ми се докажа дека ништо во љубовта не останува таено за сите времиња. Особено кога станува збор за рожба или рожби од неа, и тоа како дел од животворноста. Јас сум рожба на единствена и неповторлива, огнена љубов, преполна со исчекувања и соништа. Значи, јас сум ваш син, Славене Источнику и Љубо! Вие сте моите биолошки родители! Се радувам и се гордеам со вас поради вашата љубов!“
Славен се сепнува, па ми дошепнува:
„Скоро ќе откриеш дека мој најубав мраморен женски акт си ти. Ќе бидеме со Аврам додека сме“.
Самобитната сенка ѝ се насмевнува на Љуба и ја прегрнува.