САМОБИТНАТА СЕНКА И ЉУБА-роман во продолженија

Потребно време за читање: < 1 минута

76. Гласно

Конечно се случи долгоочекуваното од Љуба. Не само како доказ на нејзиното заздравување, на нејзиниот силен дух и на нејзината животворна енергија, туку и како ослободување од стегите на неизвесноста која трае предолго. Се разбира, на голема нејзина радост, на радост на сите со неа и околу неа. Отсега сѐ ќе оди многу, многу полесно. Не оти ќе треба помал напор, помалку поттикнувачки психофизички третмани. Напротив. Сѐ мора да се одвива со зголемен интензитет. Едноставно, станува збор за почеток на враќање во нормален живот, со сите содржини што ги исполнува катадневно и со сите доживелици и прежиеалици во него. Ја олеснува комуникацијата со Самобитна сенка, со Доктор Стефан Веселовски, со синот Аврам, со пријателите и познајниците кои не ги забораваат и им идат одвреме-навреме. Говорот на очите уште долго ќе биде основен, тој кај здравите луѓе, особено кај творечките личности има посебна улога и значење. Но гласните разговори, кои секако ќе почнат многу скоро, сосема ќе ги променат состојбите, ќе влијаат на настаните и ќе ги придвижуваат напред.

Љуба и Самобитна сенка отсекогаш ги сакале квечерите. Најмногу затоа што токму во тој период од денот сенките на луѓето се највпечатливи, најпривлечни и, што е за нив најважно, се најсамобитни. Како да не се на прострелчани, како да се на дојденци, туѓинци, на луѓе од пустината што го опкружува Прострел. Како сенки без оние на кои им припаѓаат. Тие ја знаат старата мудрост дека човек без своја сенка не е човек, но секогаш ја употребуваат додавајќи дека сенките сами брзо се обезличуваат и исчезнуваат. Особено квечерните.

При крајот на спокојната квечер од пред некој ден Љуба изусти: „Сенко моја“.

Leave the first comment