Одамна нема богат род парчето моја земја. Ќе роди нешто, овде-онде, колку да не е ништо, колку да не ме обземе безнадежност, дека уште не е мртва. Паметам две последователни дамнешни години во кои родот беше изнеднадувачки богат; едвај успеав да го соберам и да им го распределам на роднини и пријатели.
Некои од оние како мене, со свое парче земја, ме убедуваат дека е тоа затоа што се менува климата. Не сме ни свесни колку е веќе променета, а не се ни обидуваме да ѝ се прилагодиме. Како тоа јас сè уште да не сум забележал дека веќе нема четири годишни доба, а има само две реско разделени-лето и зима? И зарем не ја гледам повторливоста на долгите суши кои траат речиси половина година, па потоа изобилни врнежи дожд заедно со силни ветришта кои предизвикуваат излевања на реките и големи поплавувања?
На моето прашање како да почнам да се прилагодувам на таква двосезонска клима, некои од оние како мене, со свое парче земја, ми одговараат дека постојат семиња и садници веќе прилагодени, особено на сè уште жива земја, кои гарантирано даваат богат род. Лесно е да се информирам од каде можам да ги набавам, па да не се двоумам. Додаваат оти веќе треба да заборавам на оние за четирисезонска клима зашто со нив скоро ќе немам каков било род.
Уште не сакам да ги послушам. Уште сакам да верувам дека не станува збор за веќе променета клима, туку за нејзин жесток одговор на човечката негрижа, суровост и несовесност спрема сегашноста и иднината. Баш е сè позабележлив реверзибилен процес. Не само на освестување и грижа на човекот, завладување на обусловеноста на неговиот опстанок пред сè од родот и неговата плодност, а има и видливи знаци на враќање на пролетта; на пример пролетно будење на природата. Така што и натаму ќе бидам упорен, без оглед дали скоро ќе имам богат род или не. Единствено што ќе преземам нема да биде какво-годе прилагодување, туку некои заштитни мерки. Особено против штетници и нагли и ненадејни лоши временски промени. Да, со истовремена заштита од небото, од сè што несовесни и злосторни сили истураат на него за труење и смрт на земјата.
Уште нешто што се однесува на парчето моја земја; која уште не е мртва, испостена, пресушена, но веќе не дава богат род за мене и за моите роднини и пријатели:
Настојчиво, макотрпно и непоколебливо ќе продолжам да ја обработувам. Ако треба и со голи раце. Ќе ја превртувам, изорувам, браздам, ѓубрам и наводнувам, непоколебливо ќе ја чистам од секакви плевели, а големо внимание ќе посветам на нејзина заштите од неподносливи температури, непредвидливи ветришта и ултравиолетови зраци. Имено, целосно ќе ја покријам со поликарбонатска фолија. Се разбира, притоа ќе вложам максимални напори на планот на подобрувањето на плодноста и родноста.
ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 93