Роботика – од научна фантастика до тивка реалност

Роботика - од научна фантастика до тивка реалност

Иднината ретко доаѓа онака како што ја замислуваме. Во научната фантастика роботите со децении беа човечки двојници од метал, машини со лице, глас, движење и понекогаш со сопствена волја. Очекувавме да влезат низ вратата, да ни се обратат, да ни донесат кафе или да нè уплашат со својата сличност со нас. Но, реалноста тргна по друг пат: роботиката навлезе тивко, практично, речиси незабележливо.

Текстот на Костадин Солаков за „Емитер“ токму таму ја поставува вистинската точка на размислување: роботите не исчезнаа затоа што не личат на филмските визии, туку напротив – станаа дел од инфраструктурата на современиот живот. Во фабрики, магацини, домови, болници, софтверски системи и алгоритамски процеси, автоматизацијата веќе ја менува нашата работа, нашите навики и нашето разбирање за интелигентната машина.

За Panoptikum.mk оваа тема е повеќе од технолошка приказна. Таа е прашање за човекот пред сопствените очекувања: зошто ја препознаваме иднината само кога изгледа спектакуларно, а ја превидуваме кога работи тивко, точно и без драма?

Дваесет години подоцна: што навистина се случи, зошто се случи и зошто иднината не личи на онаа што ја замислувавме

Во март 2007 година, ја објавивме статијата „Роботика – од научна фантастика до реалност”. Во неа го анализирав забрзаниот развој на роботиката и амбициозните предвидувања за иднината. Тогаш се чинеше дека сме на работ на нова технолошка револуција. По личните компјутери во секој дом и смартфоните во сечиј џеб, следеше смелата визија на Бил Гејтс за „робот во секој дом” – предвидување кое Scientific American го пренесе уште во јануари 2007 година. Визиониерите и научно-фантастичните автори веќе со децении ја потхрануваа колективната имагинација дека хуманоидни роботи (налик на Командант Дата, C-3PO, Терминатор или Робокоп) наскоро ќе станат дел од нашето секојдневие. Дваесет години подоцна, разгледуваме што навистина се случи и колку реалноста се разликува од очекувањата?

Прочитај и за ... >>  Малите електрични градски автомобили се враќаат - Topolino, Smart #2 и новата логика на урбаното движење

Едно е јасно: роботите денес се навистина насекаде околу нас, но главно не во обликот што го замислувавме. Наместо армија метални двоноги слуги со човечки лик, добиени се илјадници „невидливи“ автоматизирани системи и софтверски агенти што работат во позадина. Тие молкум ги преземаат рутинските, опасните или заморните задачи и така ни го менуваат животот, во форма на „тивка револуција“ во споредба со она што го ветуваше научната фантастика.

Додека ја пишувам оваа освежена верзија на статијата за 30-годишниот јубилеј на Емитер, работам во компанија што е основана од истиот човек чија визија ме инспирираше пред две децении, во исто време, мојата роботска правосмукалка го чисти подот во дневната соба. Таа нема лице и амбиции. Не се преправа дека е свесна, и „комуницира“ со мене само кога треба да ја испразнам корпата со ѓубре или ќе се заплетка во кабли. Едноставно, извршува една задача – беспрекорно, повторливо, без умор и без приговори. И токму во тоа лежи суштината на нашата колективна грешка: ние ја баравме иднината таму каде што изгледаше возбудливо, а таа се појави таму каде што беше практично.

Прочитај и за ... >>  GPT-5.5 Instant и крајот на лесната лага: помалку измислени факти, но не и крај на проверката

Следните делови даваат преглед на тоа каде се роботите денес – преку ажурирани примери од клучни индустрии, улогата на вештачката интелигенција во роботиката, преминот од хуманоиди кон „невидлива“ роботика, етичките и општествени предизвици што испливаа, потоа ретроспектива на минатите очекувања наспроти денешната реалност, и на крај осврт кон иднината на роботиката и вештачката интелигенција во наредната деценија. Особено, осврнуваме внимание на новиот феномен на „агентска ВИ“, односно автономните софтверски агенти – кој изминативе две години се појави како неочекуван предводник во автоматизацијата, засенувајќи го дури и напредокот на физичките роботи.

1741860373 unitree robot 750x500 1

Роботиката денес можеби не ја носи драматичната маска што ѝ ја даде поп-културата, но токму затоа е поважна. Таа веќе не е само прашање на машини што се движат, туку на системи што одлучуваат, помагаат, заменуваат, забрзуваат и понекогаш нè туркаат да се преиспитаме што значи човечка работа, човечка контрола и човечка одговорност.

Најинтересната лекција е едноставна: иднината не мора да биде спектакл за да биде пресврт. Понекогаш најдлабоките промени се случуваат без звук, без лице и без големи зборови – додека ние сè уште чекаме роботот да изгледа како од филм.

Редакциска напомена: Овој текст е преземен со дозвола од оригиналниот извор, „Емитер“. Оригиналниот напис е достапен на emiter.com.mk.

За авторот: Горан Димитровски

Основач и извршен директор на Digital Media Creative Pro, со над 20 години искуство во дигитален маркетинг и визуелни комуникации. Специјализиран е за креирање ефикасни дигитални стратегии, проектен менаџмент и дигитализација на процеси во мали и средни компании.

За повеќе написи од авторот кликни тука.