-Колку животи, толку смрти.
-Забележувам дека сè почесто зборуваш за смртта. Сега, пак, за смрти! Има причина? Дека си во години? Дека сме?
-Можеби…Веројатно…Како што го трошиме животот, така нè троши смртта. Се разбира дека има многу од што сум и од што сме во години, но се разбира и дека има од друго. На пример, секојдневните навалици на собитијата и проблемите. И личните и колективните. Па секирации, па болести, па невремиња…
-Не прифаќам! Мислам дека човек воопшто не треба да мисли на смртта…
-И на животот.
-Па може…Треба да се мисли како се живее, како да се олесни, како да се менува, како да се напредува животот…
Добро, ај за смртта. Таа според тебе не е иста за сите и кај сите? Секоја е различна во однос на сите други?
-Според мене недвојбено да.
-Добро е да образложиш. Не знам некој досега да изнел таков став. Различни се времињата пред смртта…Претсмртното време…Претсмртниот час…А самата смрт…Таа е напросто престанок на дишењето, срцето престанува да чука…Ми паѓа на ум дека различни од природната се предвремената и клиничката смрт…Различни се и индивидуалната и колективната…
-Ете, ти наведе дури четири различни смрти. Да ти изнаредам други?
-Мислам дека поентата ти е во трошењето на животот и смртта. Како рече? Како нè троши животот, така нè троши смртта. Се согласувам, но имам и прашање: пто е со обновувањето наспоредно со трошењето, пред сè на животот?
-Го обновуваш додека имаш сила, односно додека смртта не те обессили дотолку, што да не ти преостане ништо друго освен целосно да ѝ се предадеш.
-Сè што е живо умира порано или подоцна.
-Со различни смрти.
-И ние?
-Недвојбено. Дури и во ист час, дури во ист миг.
-Да живееме додека живееме. Полн живот.
-Но истовремено одвреме-навреме да мислиме на смртта. Не само поради годините. Мислејќи на неа, мислиме на она што го оставаме по неа. Дали и колку во минливото ќе има понешто трајно од нас.
-Да продолжиме да му се радуваме на животот!
-Да продолжиме надевајќи се дека нема да ни се случи да се радуваме на надоаѓање на нашите смрти.
-Те љубам.
-И јас тебе.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 32




