Вишен чувствува дека од едно до друго деноноќие сè повеќе му слабее срцето. Од него му е напнатоста, нервозата, сè побрзото премалување на снагата, сè побавниот чекор и сè понесносливата болка во градите.
Го консултираше својот матичен лекар. Тој го убеди дека мора да ги направи сите прегледи. Инаку, тешко сам се натерува да појде и во аптека за да купи каков-годе лек. Ги направи, од ЕКГ до коронографија, не се откри ништо. Срцето му е здраво, дури помладо од годините што ги има. Но, тоа не е возможно! Лекарите не знаат! Вишен чувствува дека му слабее срцето и точка.
Матичниот му препорача целосен преглед, од глава до стапала. Не прифати. Како да не! Тоа е само губење време. Ќе го „влечкаат“ со месеци, може и со години од еден до друг дијагностички оддел на Клиника и пак нема да откријат што му е. Тој знае-му слабее срцето.
Матичниот конечно го призна „поразот“, констатирајќи дека е нормално да му слабее. Впрочем, како на секој човек. Како човек старее, му старее сè, па и срцето. „Добро де, како што велиш ти-не му старее, туку му слабее. Само повеќе внимавај на себе и не го оптоварувај премногу со што-годе“.
Вишен почна сè почесто да се прашува зошто му слабее срцето. Од сите одговори кои му се наметнуваа или до кои дојде посредно, како најверодстоен и прифатлив му стана следниов: срцето му слабее затоа што сè помалку има работи кои ги зема при срце; особено речени или сторени од луѓе кои не внимаваат на своите зборови, не внимаваат на однесувањето спрема него; поначесто се груби, неразбрани, нервозни, лути и не ги прифаќаат неговите добронамерности.
Прочита совети на Интернет: на таквите да не им обрнува внимание, да живее за себе и да биде свој, да одбегнува негативни луѓе, луѓе со негативна енергија насочена кон него, да внимава на своето однесување спрема сите, а особено спрема драгите личности и, што го замисли најмногу-да простува. Почна да ги применува, дури и да простува за нешта кои погодуваат директно в срце, но-залудно сè.
А да не е во прашање љубовта? Која љубов? Чија љубов? Каква љубов? Можно е…
Почна да живее со и за своето срце. Деноноќно. Во дијалог со него, во меѓусебно разбирање и спомагање, во заедничко време. Во меѓувреме изрече и изнапиша во својата „Жива мисла“:
Срцето станува камен кога е предолго времето на смрти.
Две срца задедно како едно.
Во срцето си ги заклучил своите најголеми тајни.
Мрачнина во срце болно и молчаливо.
Срце пред разум или по него? Најдобро постојни наспоредно.
Нема напредок на човек без рамновесие на неговото срце и неговиот разум.
Слушај го срцето што ти вели и не плаши се од последиците.
Твоето срце гледа и несогледливи нешта.
Се владее и решава со разум, се работи и создава со срце.
За што најмногу жедува срцето? За сончевина.
Срцето плаче осамено.
Ако немаш срце, немаш ништо.
Умно срце во љубов.
Најголемо е срцето човечно.
Срцето и емоциите секогаш во сојуз.
Едно застрелано срце со стрела љубовна умира бавнио.
Не влегувај во каков-годе бизнис без срце.
Едно здраво срце-цел живот.
Со срце без ум и разум ниту се води држава, ниту се развива општество.
Има зборови кои погаѓаат директно в срце.
Срцето не е за верување, туку за чувствување.
Мразно срце во мрачнина.
Срцето живее до смрт, ако има љубов во него.
Рожба од срце, со срце и за срце.
Ставило срце весела маска за никој да не види дека крвави од жал.
Срцето му се предава на љубов непорочна и безмерна.
Во секое срце собрано многу од животот за живот со срце.
Не казнувај невино срце.
Со добро срце сиот свет е твој.
Две срца вљубени создаваат нов свет.
Нема ништо потешко од помирување на две срца.
Свет без срце-свет без живот.
Најмногу вредат зборовите од срце.
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 6