-Имам проблем.
-Твој или наш?
-Мислам и твој и наш.
-Слушам.
-Не реков дека треба да го слушнеш. Само дека имам проблем.
-Зошто таква реакција? Голем е проблемот?
-Кој како го согледува и е подготвен да учествува во негово надминување.
-Ти тоа го очекуваш од мене?
-Не знам. Можеби.
-Ќе го кажеш?
-Проблемот е токму тоа што е и твој и наш. А како досега, еве и сега не го знаеш. Ниту го домислуваш, ниту го насетуваш. Тоа едновремено значи неподготвеност да се соочиш со него, па заедно да се обидеме да го надминеме.
-Ти што сакаш од мене?
-Ништо.
-Како ништо?! Ми зборуваш за проблем што го имаш, велиш дека е и твој и наш, не го кажуваш, а однапред судиш за моја неподготвеност да пробаме го надминеме…Ако ништо друго, тој проблем е секако еден од повеќето наши, па е доволно да го изнесеш без детали.
-Точно, проблемот е и твој и наш и еден од повеќето наши…Ние одамна не сме заедно.
-Па што? Нели сме заедно без оглед на далечината меѓу нас?
-Така е, но ако тебе ти е тоа сеедно мене не ми е.
-Тоа е проблемот?
-Зарем не е?
-Те прашав дали е тој проблемот меѓу повеќето наши.
-На пример е.
-Како сега на пример?!
-Така. Имаме повеќе мои, твои и наши исти или слични проблеми, па затоа сега на пример.
-Добро. Ете, ме соочи со него и ајде заедно да се обидеме да го надминеме. Ти имаш некое решение?
-Немам. Освен дека треба да сториме нешто за да бидеме заедно некое време.
-Колку време?
-Не знам. Некое.
-Морам да знам. Знаеш дека мене за сè најмногу ми фали доволно време. Сè ми е брзаница.
-И немаш време за нас. Затоа далечината меѓу нас е одамна голема.
-Но, нели далечината меѓу нас не значи ништо?
-Не значи, но е проблем. За мене сè поголем. Дури ненадминлив.
-В ред. Ти ветувам дека скоро ќе бидеме заедно.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 31




