ПРИРОДНА СОСТОЈБА, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

19. Надвивање

Секакви загради
досега сум одградил
трагајќи по траги
на предци
во моја земја непокорна,
достојна.

Биле трње што крвавеле
отворени рани.
Биле шилести стени
што крикови како молњи
распарувале облачно небо.
Биле огнови в очи
што пустошеле плодни
пространства.

Сум ги надвил
дури живеела живот
мојата снага
коскена, мраморна,
железна,
мразна пред замолк
вековит.

Сѐ уште надвивам
таени игри играни
до исчезнување на нечии
сенки заборавени,
та оставени, та сокриени
во урнатини од дамнина
препуштени
на виј на гладни и жедни
ѕверки.

Leave the first comment