56. Товар
Конечно ме ничкоса наземи
грамадниов камен човек,
безгласен.
Ми го предаде старец
пред последен издив
за да го однесам
до извор на матна и брза река
која од памтивек дели
два народа бесплодни.
Го носев долго на плеќи,
тежок, та претежок,
и јас безгласен како него.
Го носев од планина
до долина,
од долина до планина,
една мала, друга голема;
деноноќно,
со жива надеж
дека навреме ќе стасам
да им го поставам
среде изворот
на матната и брза рака;
ко што ми рече старецот
пред последен издив,
да им е пред очи,
да е нивен предводник
кога конечно ќе тргнат
еден кон друг.
Ме ничкоса наземи
грамадниов камен човек,
безгласен,
а изворот е уште далеку,
та предалеку.
Од зракот во неговите
очни длапки
разбрав дека старецот,
неговиот творец,
не стасал да го изделка
со свои раце докрај;
за накрај ги оставил
срцето и првозборот.
Ми го предал мене
верувајќи дека јас,
на негови години творец,
ќе го оживеам или патем
или пред да го поставам
среде изворот
на матната и брза река.