ПРИРОДНА СОСТОЈБА, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

35. Имам збор

Засега имам збор по секој
кажан, прекажан
или недокажан
од каква било неизвесност
на неизмерна љубов
што во игра се открива
копнежна, непорочна.

Тој збор никогаш
не ми иде со прв
или последен воздив
пред снеможеност;
ми иде секогаш
со возбуда
како знаци препознаени
меѓу коски на предци,
како молскавици
меѓу модри облаци.

Имам јас неколку збора
како еден
кога треба да обзнанам
совреме надоаѓање
на невреме нечие;
што ќе пустоши сѐ
во луѓе возвишени
за да ги обеснажи
додека сѐ уште
стојат на свои нозе.

И кога имам еден,
и кога имам
неколку збора како еден,
сеедно кога,
сеедно каде употребен,
секогаш внимавам
да не го потрошам
залудно,
да не ми заскита
во празна тишина.

Најмногу од сѐ
се надевам
дека нема да ми биде
последен.

Leave the first comment