Потребно време за читање: < 1 минута

Препеав пев од дамнина
фрлен во агол на свеста
мрачен и покриен
со ненадмината пајажина.

Не знам дали имаше
некаква логика
нескриена или скришна
може невидлива содржина
но ме привлече нејзиниот
внатрешен ритам
што разведруваше
и спокојуваше без престан.

Така што мојата песна
со која го потврдувам
негирајќи го певот  
е всушност освојување
всушност усвојување
на тој би го нарекол
ритам кој обзема
сечиј свет додека се ништи
однатре сам од себе.

Сега певот од дамнина
заедно со мојот препев
го слуша внимателно
секој што сака да влезе
во свет хармоничен
и хаотичен без престан
затворен во незнаен простор
без препознаено време.

Не не заборавив
да ставам три точки
на крајот од мојот препев.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 46