Одошто мудар и премудар беше Соломон, измислил да влези и в стреде море да види што има и што нема. Напраил едно шише многу големо, влегол внатре во шишето и го врзал за гуша со ортома, та го пуштиле стред море измеќарите. Му нарачал кога ќе ја помрднит ортомата Соломон од море, тогај да го истргаат измеќарите на суо.
Кога чула сестра му од Соломона оти влегол стред море во шише, беше се уплашила многу да не се удаит и отрчала кај морето, та се врлила в море, ѓоа да го изваит брата си.
-Аман, Господи-беше рекла-не удаи ме дури да го најдам брата ми Соломона! Стори ме риба за да го најдам брата ми, да го изваам на суо, да после, ако сакаш, остај ме до векои вај век в море да седам.
За чудо големо, Господ ја сторил отполу удолу риба и ја блаосоил до векутума века да живеит во морето, да го барат брата је Соломона и да не можит да го најдит. И за вистина, била жива сестра му од Соломона сторена на полоина риба и на полоина девојка. Мнозина гемиџии ја виделе и ја задреле, прашајќи вака:
-Соломона ако го бараш, девојко, еве го у нас, в гемија! Ела, ако сакаш да го видиш.
Едно ќе чуела сестра му од Соломона името Соломон и за неколку дни што ќе одела до гемијата за да го видит брата си, дури да је се здодеило и после ќе се арнисала од гемијата.
Соломон кога се нашол встред море, на чудо беше станал кога гледал уредбата на рибите кога се биеле џенг (бој). Страшни уредби имале уредени за џенго што го праеле.
Во морето видел Соломон водни луѓе, водни коњи и друзи чудни работи. Видел една риба голема сопрво кога влегол и застанал во дното од морето. Беше тргнала да одит рибата; три дни и три ноќи што врвела покрај шишето од Соломона и пак крајот од рибата не му ја видел Соломон. А пак друзи покрај неа риби, прсиплева имало, наредени на редој и на табури и пред секој табур по една риба поголема `и предводуала, како некој паша што `и предводуа војските. Врвејќи покрај шишето, големата риба се удрила во него и го мрднала; мрднуајќим се шишето, се замрднала и ортомата горе кај измеќарите што ја држаа, и тие веднаш беше го истргале шишето со премудри Соломона горе на суо.
Се што беше видел Соломон му кажал на старците што биле околу него мезлич.
Од тој ден наредил цар Соломон војската своја по тертипот на рибите што `и видел в море. И со такваа силна војска уредена што имал цар Соломон, сите цареи `и надвивал и арач на сите му земал.
Од цар Соломоноата уредба на војската сите цареи прегледале и војските `и наредиле.*
________
*Еден ми раскажа една приказна слична на оваа, само што наместо Соломона-Александар Македонски.
(Зап. Марко К. Цепенков)