Предолго

Препев на пев и повев

Што е предолго за тебе,
човеку кој чекаш нешто,
се надеваш на нешто,
веруваш во нешто?
Дали е предолго врзано
само со чекање
или на пример може
да е збор за неизвесност
во која ти си одамна
сè уште жив, човеку?

Ако се согласни со тебе
луѓево кои се собрале
да ти помогнат некако
предолгото за што и да е
да го победиш,
тогаш покажи им ја
нивната цел до крајот
на постоењето на светот
со нив,
до која ќе стигнат додека
се сè уште живи.

Предолго трае надежта
за опстанок во свет кој
како да се крие негде во
до небо високи планини
и до дна длабоки води
-мирни води изворски,
мирни реки понорници,
мирни реки на сончевина,
мирни езера што дишат,
мирни мориња со ветар
скротен пред брегови
самотни.

Предолго трае за тебе,
човеку,
предолго трае за луѓево,
човеку,
оваа неизвесна игра
меѓу сон и јава.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетка инсталација, 26

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.