Пред крајот на првиот пат

Потребно време за читање: 2 минути

Порано не се навраќаше на своите изминати патишта, и на оние што ги завршил и на оние што ги оставил зад себе недоодени. Од неодамна тие сè почесто му идат во мисла. Не се прашува зошто или како затоа што смета оти е тоа бесмислено. Патиштата се дел од животот, секој има повеќе изодени и недоодени, а сè се сведува на тоа дека во животот не постои пат без цел. Освен последниот кој нема крај затоа што се губи во беспатје.

Од сите што му идат во мисла, пред крајот на три недоодени пата во животот застанува дигуртен дека на крајот им ја догледа правата цел: првиот, средишниот и сегашниот кој му се чини дека ќе му биде последен, пред исчезнување.

Добро се сеќава на својот прв пат. Всушност, памети што често му прикажувале негови најблиски за него, за да не заборави додека е жив:

Прочитај и за ... >>  Јас раскажувач, личности, структура

Тој бил долг, широк, кривулест, со многу остри свијоци, трновит и каменит. Сега е сигурен дека му е најдолг од сите доодени и недоодени. Непрегледен, необележан со знаци на правилно одење и предупредување на опасност. Преполн со луѓе кои како да се сноват-ту одат напред, ту застануваат, ту се враќаат на местото од кај што тргнале. Меѓу нив најмногу еднооки, слепи и слепи при очи.

Заедно со негови ближни, на тој негов прв пат тој ги направи првите чекори, поточно се научи да оди на свои нозе. Го држеа лабаво за раце, го поддржуваа одзади, некои одеа пред него и ги тргаа луѓето настрана за да не му го попречуваат. Неговото тешко и мачно чекорење како да немаше крај и како да ќе се струполи наземи. Тоа најчесто го споредува со тешкото и мачно застанување на свои нозе и правење први чекори на младенчиња на некои крајпатни животни. Да, и тоа му е незаборавно: на неговиот прв пат многу луѓе-роднини, пријатели, познајници и туѓинци, а крај патот крајпатни питоми и диви животни!     

Прочитај и за ... >>  Домашното огниште

Конечно догледаната цел пред крајот на првиот пат во неговиот живот:

Тој прикажан и докажан како човек кој знае колку што знае, може повеќе од што може и кому му се самосвеснота, чесноста и искреноста врвни доблести. За кого вредностите што ги создава, заедно со споделените вредности на други, се најсилните орудија и оружја во борбата против минливоста на времето.

Не заборава дека првиот пат му завршуваше на крстопат на соништа.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 40