Повторено и неповторено

Долго не го разбирав човекот кој при нечие говорење за што било или гласно размислување за нешто одвреме-навреме подвикнуваше „Повторено!“. Понекогаш ми звучеше како Архимедовото „Еурека!“:

Некој:

-Еден живот е сам зашто се движи во една насока.

Тој:

-Повторено! Веќе речено од мнозина!

Некој:

-Само смртта е безалтернативна. Не ѝ е ниту животот, зашто животот и кога почнува одново всушност продолжува или се обновува. Од друга страна, пак, секоја безалтернативност значи неминовна смрт.

Тој:

-Повторено! Истото, но многу попрецизно и појасно го рекле одамна мнозина!

Досега еднаш и само еднаш, како поинакво гласно реагирање на исказ од некој, од него имам слушнато друго.

Некој:

-Љубовта секогаш ја сочинуваат две еднакви љубови. Никогаш не ја сочинуваат повеќе од две. Едната од другата ни поголема ни посилна, ни пожаровита ни поогнена, ни поладна ни потопла. Мислам на љубовта спрема некого, не спрема нешто. Никогаш ниту постоела, ниту може да постои љубов од само една љубов. Самољубјето и нарцизмот не се љубови.

Прочитај и за ... >>  Две траги

Тој:

-Многу интересно…Не сум размислувал…Можеби е така…Всушност, тоа ми е прифатливо…Само би додал дека двете еднакви љубови се во љубов само тогаш кога не се една спротивна или спротивставена на друга.  

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 72

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.