Последен зрачен сон

Потребно време за читање: < 1 минута

Не знае дека започна
свој последен зрачен сон,
по кој буден од рани зори
ќе чекори во разурнат град
на птици бескрилни
и лекокрилни.

Само се чувствува како
да ќе полета кон бескрајна
небесна шир,
а стои исправен на земја,
како да е засекогаш во неа
вкоренет.

Само се чувствува како
да е ни на небо ни на земја
баш,
како да е во негов недосонет
стварен сон.

Што е сонот?

Сонот му е последен зрачен,
што значи пред згаснување,
пред заминување засекогаш,
што значи дека во него он е
последен, најдлабок воздив
кој зрачи пред да угасне
живот.

Што е сонот?

Сонот му е:
Среде круг од сенки без луѓе
се собрале луѓе;
кренале раце кон небосклон
нивен;
нивните тела вкоренети
во земја пуста, согорена;
он над нив птица бескрилна,
а лекокрилна.

Зрачи како да е
во последен сон недосонет.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 27