11. Корени
Седам квечерум во моето кафуле „Круг“, во мало сепаре само за мене и мои. Пијам чај и внимателно слушам не баш тивок разговор во соседното лево, помеѓу двајца брадосани во години:
-Сум ти кажувал за што знам за корените?
-Да, и тоа не знам колкупати. Толку не ти текнува?
-Ама штом сакам сега, значи дека или не сум ти докажал или имам уште да ти кажувам.
-Добро. Те слушам.
Замолк пред почеток, концентрација, избор на почетни зборови. Ми се присторува дека трае предолго. Погледнувам кон нив. Ми изгледаат како сенки од луѓе кои скоро ќе исчезнат. Продолжуваат:
-Секој има свои корени, различни од други. Најмногу се разликуваат според дебелината, длабочината и широчината. Тоа најмногу зависи од годините. Заедничките, пак, всушност се различни испреплетени односно сплотени за заедничка живеачка.
-Прилично поетски. Да не те знам, дека не си поетска душа, би помислил дека нешто те занело.
-Не бе, нема врска! Мислам буквално. На луѓето, а пред сè на луѓе како јас и ти, вкоренети во оваа наша земја. Но, еднакво и на нивните предци и потомци.
-Добро. Продолжи.
-Корените на луѓето воопшто не зависат од животот. Особено не од неговиот тек и премрежијата во него. Зависат од годишните доба, сонцето, месечината и ѕвездите, плодноста и неплодноста на земјата, самосвеста, самобитноста и слободата. Зошто не зависат од текот и премрежијата во животот? Едноставно затоа што не се на виделина. В земја се, а нејзината мрачнина ја користат за одбрана на својата единственост, мирот, спокојот, минатото сосе сегашноста и достојноста. Притоа е многу важно колку се тие независни од други. Јас им давам предност на корените што одат во длабина. А оние што одат во широчина ги сметам за површни, лесно пресекливи, не многу промислени и секако најважно од сè-освојувачки.
-Ти го разбирам контекстот, ама како да ја пренебрегнуваш судбината на семејното стебло.
-Напротив. Сè што ти изнакажав за корените е за да се согласиш со мојов заклучок: дека во нив не е само запишан, врежан, запомнат почетокот на неговата срцевина, туку и траењето на неговото разгранување.
-Ти имаш потомство.
-За жал немам.
-Немам ни јас.
Си го испив чајот и станав. На излегување незабележливо ги загледав двајцата брадосани во години. Беа сенки од луѓе кои скоро ќе исчезнат.