Потребно време за читање: 3 минути

Имаше лузна под носот што му ја искривуваше устата во долга насмевка. Помислив дека се смее кога рече зошто сосем случајно го пронашол кафезот во излогот со вода.

Кафезот е празен. Штета, рече. Замисли во него да затворам птица. Славеј. Мислиш дека птица би се удавила? Не верувам. Излогот полн со вода, ама таа нема да се удави во неа. Би летала, би летала, би се преморила од летање и најпосле пак би се вратила во кафезот.

Гледаме во неа. Таа исплашена, срцето низ пеењето да ѝ излезе…Си видел ли кога птици летаат над море? Ќе се изморат од летање, ќе ги рашират крилјата и така чиниш стојат во воздухот. Од страв не се оддалечуваат од брегот. Точно си ја мерат силата.

Што ти паѓа на ум?, го прашав.

Таа беше како птица во кафез. Јас ја затворив во него и ја ставив во излог полн со вода. Како во аквариум. Замисли: птица во аквариум! Неверојатно, нели? А беше убава, никогаш поубава. Секој можеше да ја види нејзината убавина. Ми беше голема љубов. Можам да речам досега единствена. Ако си ти нејзина, тогаш мора да си и моја. Рожба на нашата љубов… Прашуваш зошто случајно го пронајдов кафезот во излогот со вода? Просто затоа што бев многу осамен откако таа замина. Некој ми рече дека починала, загинала во сообраќајка, но јас не верувам. Верувам дека е жива. Некаде далеку.

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Сонував таков сон: излог со вода, таа во него, во кафез. Ѝ нема спас. Јас ѝ приоѓам, ѝ подавам рака во последен миг.

Кога падна зимата се радуваше како дете. Што ли не правеше во снегот. Ја соблече бундата, го фрли шалот, ја извади капата за да ѝ се растури косата. Замисли бела коса во снег…Ќе легнеше во снегот, ќе ги раширеше нозете и рацете, а потоа ќе станеше и ми велеше ајде сега ти легни во мене; и јас легнував…Се радуваше како дете во снегот. Што ли не правеше. Цели градови, толпи луѓе со чудни, смешни и тажни маски на лицата. Легнуваше над нив, ги покриваше со своето тело и се смееше. Нејзиното смеење ги вознемируваше луѓето околу нас. Тие не знаеја што ѝ е. Да не поулавела? Не ја разбираа. Ѝ се чудеа. Што ли се случи наеднаш со Марија Имотска?

И кога го видовме човекот во црно пак, мене ми изгледаше обичен, како секој друг. И јас, Јасен Виорски, во такво време имав навик да носам црно палто. Но, таа се исплаши од него! Онеме, се пикаше во мене од страв. Одвај изусти, одвај ја чув кога рече:

Прочитај и за ... >>  Споредбите се некогаш и добредојдени. Може да го забрзаат мисловниот процес.

Ми личи на татко ми…Мора да е тој! Не го познавам, ама тој е!

И ѝ помодре устата. Цела недела потоа збор не ми прозборе.

Не беше татко ти, Марија Имотска. Не беше! Ќе запреше ако беше, ќе те поздравеше ако беше. Ќе нè поздравеше. Барем тоа! Зошто би се преправал дека не те познава ако ти е татко?

Тој е функционер, претседател на Големиот град. Човек од кариера. Тој сака да ме заборави, ама не може, рече Марија Имотска.

Тоа не може. Како може да те заборави?

Сигурно дека не може, Јасене Виорски. Но, тој важи за скромен и чесен човек. Си има семејство. Којзнае што би било и што би му се случило кога некој би дознал. Знаеш и самиот, разбираш доволно во каков круг е најден. Јас сум неговата животна тајна!

Ѝ помодре устата, не сакав да продолжи.

Заборави, ѝ реков.

Јас не сакам да знам за него. Сеедно ми е, продолжи Марија Имотска сега многу поспокојно. Никогаш не ми бил татко, рече. И да знаеш, тој знае за мене. Му кажале старите.

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Одамна не сме биле кај нив, си ја префрли мислата Марија Имотска. Тие ме пораснаа. Тие се толку едноставни, толку добри…Тие ми се родители. Да појдеме утре, да ги видиме, Јасене Виорски…Да им купиме цвеќе.

Ќе им купиме, ѝ реков.

Таа сè уште мислеше на човекот во црно.

Се плашиш?, ја прашав.

Од што? Од кого?, како да се изненади.

Од него.

Не, рече. Само не сакам да ме следи.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here