ДОЛГО СОКРИВАШЕ СĖ СВОЕ ОД ПОЗНАТИ И НЕПОЗНАТИ ЛУЃЕ, ПРИЈАТЕЛИ И НЕПРИЈАТЕЛИ, СЛУЧАЈНИ И НАМЕРНИ, НАМЕРНИЦИ И НЕНАМЕРНИЦИ, ДОБРОНАМЕРНИЦИ И ЗЛОНАМЕРНИЦИ, ПАТНИЦИ ДО ЦЕЛИ И СКИТНИЦИ.
ЗНАЕШЕ ЗОШТО? НЕ! НЕ Е НИ ОД НЕВЕРУВАЊЕ ИЛИ НЕДОВЕРБА, СОМНЕНИЕ ИЛИ СТРАВУВАЊЕ ОД НЕШТО. НИ ПОРАДИ НЕШТО. НАПРОСТО СОКРИВАШЕ ВО САМО НЕМУ ЗНАЈНИ, ЗНАЧИ ТАЈНИ МЕСТА, ПРОСТОРИ, ПРЕДЕЛИ, АГЛИ НА СТВАРНОСТА, ЗАМИСЛЕНОСТА. ИСТО ТАКА ВО СВЕСТА ЗА МНИЛИВОСТА И БЕЗВРЕДНОСТА НА ЖИВОТОТ.
КАКО ТОА СОКРИВАШЕ СĖ СВОЕ?! БАШ СĖ! И ОД НЕГО НАПРАВЕНО ИЛИ НЕНАПРАВЕНО, И ОД ДРУГИ, И ОД НЕГО СОЗДАДЕНО И НЕСОЗДАДЕНО, И ОД ДРУГИ, И ОД НЕГО СМИСЛЕНО И НЕДОМИСЛЕНО, И ОД ДРУГИ. ДУРИ СĖ НА НЕГО И НЕГОВО, ОД ОБЛЕКА ГОРНА И ДОЛНА ДО ОБУВКИ НА ГОЛИ НОЗЕ. ТАКА ШТО НА ВИДЕЛИНА НЕРЕТКО ИЗЛЕГУВАШЕ УГУЛ ГОЛ!
ДА, ДА, СОКРИВАЊЕТО МУ БЕШЕ КАКО БОЛЕСТ. ВСУШНОСТ, МУ БЕШЕ, И ТОА НЕИЗЛЕЧИВА!
ВО ЕДЕН НИТУ НЕМУ ЗНАЕН ПРИЧИНСКО-ПОСЛЕДИЧЕН МИГ ПОЧНА ДА СЕ СОКРИВА ОД НАДВОРЕШНИОТ СВЕТ! ЕДНОВРЕМЕНО ОБИДУВАЈЌИ СЕ, ЗАСЕГА БЕЗ УСПЕХ, ДА СЕ СОКРИЕ И ОД СОПСТВЕНИОТ ВНАТРЕШЕН!
КАДЕ СЕ СОКРИ? НИКОЈ НЕ ЗНАЕ! НИ САМИОТ ТОЈ!
НАСЛОВИ (СĖ ВО НАСЛОВ), насловна проза, 37