Пилци

Басни без наравоучение

Во еден кокошарник дошле пилци и на петлите им ги презеле квачките. Петлите се нашле во небрано, па се собрале да решат што да прават, да најдат чаре.

Еден од најактивните петли меѓу квачките:

-Пилците ни ги презедоа квачките. Демек нашето време поминало, дошло нивноѕо, па е нормално и квачките да бидат нивни.

Најстариот и најмудар петел:

-Во ваква ситуација јас знам саде за едно чаре: од утре рано насабајле да не се качуваме на буниште и со нашето кукуригање да ги будиме квачките. Па да видиме што ќе прават пилците со нив.

Како решиле, така направиле.

По неколку дена и ноќи во кокошарникот почнало да се случува нешто ем непожелувано ем неочекувано: квачките престанале да квачат јајца!

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 32

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.